22.10.2020

Викендов ќе се одиграат првите четири меча од групната фаза на младинската јадранска лига во женска конкуренција

WABA турнир во Скопје: Вардар и Бадел 1862 против црногорскиот двоец

Овој викенд Скопје ќе биде домаќин на групата Д од младинската WABA U-17 лига. Освен Вардар, кој го организира турнирот, ќе учествува уште една македонска екипа, Бадел 1862, и две од Црна Гора, Приморје-Херцег Нови и Будуќност Бeмaкс од Подгорица.

На отварањето на турнирот, во сабота од 19.часот, ќе се сретнат екипите на Вардар и Приморје.

„Оваа сезона нашиот клуб за прв пат ќе настапува на меѓународна сцена. Со селекцијата У17 ќе играме во Јадранската лига за оваа возрасна категорија на кошаркарки.  Сезона која сакаме да ни биде патоказ на нашата работа и вложување. Настапите ќе ни бидат од голема полза за усовршување на играчкиот потенцијал, како и за добивање на тренерско и играчко искуство на меѓународна сцена. Очекуваме да играме квалитетни натпревари, каде ќе го покажеме нашиот квалитет. А воедно ќе можеме да направиме компарација, до каде сме во однос на нашите конкуренти“- вели тренерот на ЖКК Вардар, Жаклина Стојановска.

За разлика од „вардарки“ кои се во улога на дебитант, екипата на Бадел 1862 е скоро постојан учесник во ова натпреварување во последните неколку сезони.

Кои се очекувањата од овој турнир на Анета Глигорова, тренерскиот предводник на „баделки“.

„Нашата младинска екипа од 17 години се натпреварува повеќе години и во ВАБА лигата. Во ова натпреварување секогаш се стремиме за што повеќе победи, и да се освои едно од првите четири места кои водат во следниот круг од натпреварувањето“ - смета Глигорова.

Инаку, во рамките на првиот круг, покрај оваа група, ќе се одиграат натпревари и во групите А , Б и Ц во Загреб (Трешњевка 2009) , Белград (Радивој Корач) и Цеље (Цинкарна Цеље).

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ

24.ОКТОМВРИ (САБОТА)

19.00: ЖКК Вардар - ЖКК Приморје

25.ОКТОМВРИ (НЕДЕЛА)

12.00: ЖКК Вардар - ЖКК Будуќност Бемакс

14.30: ЖКК Бадел 1862 - ЖКК Приморје

17.00: ЖКК Бадел - ЖКК Будуќност Бемакс

*Сите натпревари ќе се играат во салата на КК „Вардар“ (мала сала во СРЦ „Кале“) во Скопје