22.06.2022

Двете романски селекции ги добија последните два натпреварите на турнирот

YDF ФИБА ТУРНИР – ЕДИРНЕ 2022: Два порази на нашите надежи на крајот од проектот

Во дуелот на женските селекции, поуспешна се покажа романската. Славеа сигурна победа (60:44), макар што во добар дел од оние 40.минути, нашите млади кошаркарки делуваа рамноправно.

Особено тоа се однесува за втората и третата четвртина кои избраничките на селекторот Јасмина Герасимовска ги решија во своја корист со (12:10), односно (19:18).

Но ја немаа потребната енергија за финалните десет, во кои Романките направија високи (20:8), доволни за конечните 60:44.

Во нашата селекција, Јана Пислевска реализираше 14.поени, имаше и осум скока, но и доста загубени топки, додека пак двоцифрен број на поени имаше и Мариновска, даде десет, на кои придодаде и девет скока.

Со пораз својата двегодишна авантура во овој развоен проект на ФИБА, ја затворија и нашите млади кошаркари „Под 14“ години.

Романија дојде до сигурен триумф (90:72) на последниот меч од турнирот во Едирне.  „Жолтите“ имаа одлично прво полувреме во кое остварија висока позитива (49:32). Одигравме доста подобро во нападот во третата четвртина, кој и ја добивме со (22:17), за нешто пониски (54:66) пред почетокот на последната.

Четворица кошаркари кои се најдоа во изборот на селекторот Александар Јованчев, имаа десет и повеќе поени.

Најмногу, 20, реализираше Ѓорѓевиќ, кој добриот настап го дополни и со осум скока, шест асистенции, исто толку загубени и седум освоени топки. Нешовиќ постигна 15.поени, еден помалку имаше Терзиевски, а овој турнир во Турција, Цветковски го затвори со 11. поени.