27.10.2020

Вечерашниот дуел во Куманово, е првиот од трите најавени помеѓу овие две екипи за еден краток временски период

За почеток, „македонско“ дерби во БИБЛ: Кумановци се надеваат на искуството, ТФТ не прифаќа дебитантска улога

По нешто повеќе од три месеци тренирање, конечно официјален кошаркарски натпревар во Македонија.

Како дел од БИБЛ лигата, во премиерата од новата сезона, вечерва од 19. часот, Куманово го дочекува составот на ТФТ од Скопје.

„Натпреварот со ТФТ е прв официјален по пауза од цели осум месеци. Очекувам доста неизвесен натпревар. Како од фактот дека зад нас е една преголема пауза, но и поради квалитетот на екипата на ТФТ, која иако се води како дебитант во ова натпреварување, состави одлична екипа“ - вели првиот тренер на Куманово, Владимир Мирковски.

Согласно со ова, не може да се зборува за некоја вистинска кошаркарска „реакција“?

„Морам да кажам дека напорно тренираме уште од 15. август. Имаме млад и перспективен тим, а вечерва и предност на домашен терен која ќе се обидеме да ја искористиме. Ќе видиме како ќе излгеда сето тоа“.

Кумановските „сино-бели“ во последен момент направија две измени во играчкиот ростер. Нови играчи се 23.годишниот плејмејкер од САД, Лавејн Грент, и  четири години поискусниот бугарски интернационалец, Георги Бојанов, кој со своите 201 сантиметри е дополнение на крилната позиција.   

Вечерашниот дуел (се игра без присуство на публика), кој од 19. часот ќе се игра во салата на Економското училиште „Перо Наков“ во Куманово, ќе го суди судиска тројка од Македонија во состав: Александер Павлов, Александар Давидов и Иван Мијалковски, додека делегат е Владимир Цветковски.

За екипата на ТФТ, прв во една ваква конкуренција, особено ако се земе в предвид дека по успешните настапи во ланската сезона во Втората лига (обезбеден премин во Првата), ќе биде вистински предизвик и за тренерот Боро Смилковски и за неговиот млад тим подзасилен со неколку американски кошаркари, и еден од Австралија.

„Ние, пред сè, како еден млад клуб, дебитант во БИБЛ лигата ќе се потрудиме достојно да се претставиме во регионот, а истовремено организациски да поставиме една структура на која ќе се темелат нашите амбиции во годините кои следуваат“ – вели Смилковски и додава: „После повеќе од два месеци напорна работа и тренинзи, конечно и премиера за нашиот клуб и тоа во БИБЛ лигата против одличниот тим на Куманово. Во една ваква ситуација, во услови на корона-пандемијата, мислам дека пред сè треба и сме благодарни на секоја можност некој натпревар да биде одигран“- смета Смилковски пред вечерашниот меч, кој може да се следи на следниот ЛИНК

Овие две екипи за кратко време ќе одиграат дури три натпревари. Два во БИБЛ лигата и еден во домашниот шампионат?

„Вечерашниот натпревар е една голема прилика да видиме колку ни недостасувала кошарката во изминатиов период. За очекување е да бидеме сведоци на една бескомпромисна борба на теренот, каде двете екипи ќе го дадат својот максимум. По игра на случајноста, ждрепката за домашното првенство ни го донесе тимот на Куманово за противник во првото коло. Оттука овој меч ќе биде одлична прилика за подобро да го запознаеме нашиот спортски ривал пред почетокот на Првата лига“.