Репрезентацијата на Белгија влезе во историјата на европските првенства откако првпат во постоењето на ова натпреварување стигна до шампионската титула.
По освоените „бронзи“ во 2017 и 2021 година, Белгијките конечно стигнаа до златните медали откако во финалето на Европскиот шампионат, во Љубљана, ја победија Шпанија со (64:58).
На крајот од третата четвртина, „фуријата“ имаше предност од десет поени (48:38), но во последниот период, Белгија заигра одлична одбрана, на противникот му дозволи да постигне само десет поени и со голем пресврт дојде до европската круна.
Најефикасна на натпреварот, со 24 поени беше Ема Месеман која беше прогласена и за МВП на првенството.
До титулата, Белгија дојде без пораз на Европското првенство кое во изминатите десетина денови се играше во Израел и во Словенија.
Инаку, бронзениот медал ѝ припадна на репрезентацијата на Франција која во „малото финале“ ја победи Унгарија со (82:68).
Три Белгијки во идеалната „петорка“ на првенството
Ема Месеман ја предводи и најдобрата петорка која беше избрана веднаш по завршнувањето на Евробаскетот.
Интересно, во идеалните пет се најде место и за уште две кошаркарки од репрезентацијата на Белгија, Џули Алеманд и Џули Ванло, а покрај нив во изборот на најдобрите влегоа и Алба Торенс од Шпанија и Сандрин Груда од Франција.
Шампионатот во Израел и Словенија, Месеман го заврши со просек од 21.7 поени, дополнети со 8.7 скока, 5.2 асистенции и 4.3 освоени топки. И повеќе од доволно да биде избрана за најкорисен играч на Евробаскетот.