25.06.2025

Потенцира селекторот на јуниорите, Горан Андреевски по првиот дел од подготовките за настап на ЕП од Дивизијата „А“ во Белград

„Задоволство од атмосферата и залагањето, да се поправи физичката и техничката подготвеност“

Селекторот на машката јуниорска репрезентација, Горан Андреевски го резимира периодот кој е зад нив, односно воведната фаза од подготовките за настап на ЕП од Дивизијата „А“ во Белград.

„На првиот селективен тренинг повикавме повеќе играчи, односно 36. После два дена поминати на тренинг, избравме 21. играч со кои работевме овие изминати десет дена. До крајот на неделата им се дава шанса на сите одбрани играчи. Согласно со планираните активности, тогаш ќе го скратиме списокот на 18. играчи со кои планираме да тренираме до пред самото заминување за Белград, каде следува настапот на Европското првенство“- појаснува Андреевски.

Дополнува дека овие десетина денови од подготовките поминале во најдобар ред, и постои задоволство, пред се од атмосферата во тимот, како и од залагањето на кандидатите за националниот јуниорски дрес.

„Атмосферата во тимот е одлична, се тренира напорно, индивидуални тренинзи, теретана, и тимски тренинзи секој ден, два пати, по два и пол часа. Задоволен сум од играчите како тренираат и од нивното залагање на тренинзите. Очекувам, постепено да ја креваме формата“.

Андреевски потенцира и некои слабости, евидентирани во изминатиот тренажен циклус:

„Физички, поголем дел од играчите се недоволно подготвени, исто така и на технички план. Со соработниците се обидуваме максимално да се посветиме на тренинзите, да ги елиминираме сите недостатоци. Но не е лесно да се надополни нешто што било пропуштено во текот на целата година. Можам да кажам и една друга работа, а тоа е што многу играчи имаат некои други приоритети, како што се одмор, разно-разни патувања и друго, а во втор план ја ставаат репрезентацијата. Репрезентацијата мора да им биде приоритет, и дека во репрезентацијата мора да бидат само навистина најдобрите играчи“- појаснува селекторот Андреевски.