Државната видеолотарија ќе ја помогне КФСМ со 6.150.000 денари. Дел од парите ќе бидат спонзорство дел ќе бидат донација, објавија партнерите на нашата федерација.
„Во нашите заложби за унапредување на спортот, пронајдовме простор за една убава соработка со КФСМ. Државна Видеолотарија станува силен подржувач на националните А селекции во кошарка, нашите најважни претставници на меѓународната сцена. Со донација од 5.535.000 денари и спонзорство од 615.000 денари, ние јасно ја поддржуваме визијата на КФСМ, овозможувајќи им на кошаркарите прецизно да нишанат кон кошот додека ги бранат репрезентативните бои на нашата земја“ – изјави Виолета Чадиковска од Државна видеолотарија.
КФСМ му се заблагодари на новиот партнер за финансиската помош и идната соработка.
„Големо е задоволството да се има партнер како Државна видеолотарија. Компанијата прва застана зад нас со добра сума на пари кои ќе бидат поделени на сите репрезентации, а најмногу на сениорската селекција“ - се заблагодари на подршката претседателот на КФСМ, Перо Антиќ.
Кошаркарската федерација и Државна Видеолотарија ќе продолжат со заеднички сили да работат на промовирање на спортските вредности на нашата Република.
„Најдовме партнер кој ги препозна заедничките цели и се надевам дека соработката ќе продолжи уште долги години. Дел од парите се ваучер систем, а дел се од спонзорство“ - потенцираше генералниот секретар на нашата национална федерација, Владимир Георгиевски.