Денеска во просториите на Кошаркарската федерација на Северна Македонија, Претседателот Перо Антиќ, Генералниот Секретар Владимир Георгиевски, Спортскиот Директор Тодор Гечевски и Комесарот за натпреварување Лазар Гечевски, одржаа уште еден состанок заедно со членовите на Здружението на прволигаши кои имаат стекнато право за учество во Прва сениорска лига за сезона 2019/2020.
На состанокот на чиј дневен ред имаше неколку точки, се разговараше за финансиските долгови на клубовите. До нив, доставени беа финансиски известувања со детален опис на нивните долгови. По неколку корекции, донесена е едногласна одлука, сите клубови мора да ги намират доспеаните долгови најдоцна до 30. септември 2019 година.
Котизацијата за учество во Првата лига за сезона 2019/2020 ќе изнесува 8.000 евра, а сумата ќе се исплаќа на осум еднакви рати по 1.000 евра до 15. во секој тековен месец започнувајќи од 15. октомври 2019 година. Првата рата клубовите треба да ја исплатат заедно со доспеаните долгови (до 30.09.2019), а втората рата да се исплати до 15.10.2019. Последната рата клубовите треба да ја исплатат до 15. април 2020 година.
Првата машка сениорска лига за сезона 2019/2020 ќе брои дванаесет (12) клуба). Покрај екипите кои стекнаа право за учество во Првата лига, беше испратен допис до екипите на КК Ангели. КК Карпош Соколи и до КК Шкупи за интерес за учество. Екипите на КК Ангели и на КК Шкупи испратија допис дека се заинтересирани за учество во Прва лига. Двата клуба ќе мораат да ги намират своите финансиски долгови до зададениот временски рок. Поради успехот во минатата натпреварувачка сезона, предност им е дадена на КК Ангели кои мораат да поднесат гаранција за котизација до КФСМ како и да ги исполнуваат сите услови за натпреварување во овој степен на натпреварување.
Жребувањето на натпреварувачки броеви за претстојната сезона ќе се одржи на 11.09.2019.
Претседателот на КФСМ, Перо Антиќ, ги извести клубовите присутни на состанокот дека секој клуб-прволигаш ќе добие по десет Т-1000 Spalding топки од КФСМ.