02.03.2022

Дебитантот во друштвото на најдобрите му го нанесе првиот пораз на досега непобедениот Пелистер (73:70)

ЗАОСТАНАТ НАТПРЕВАР ОД 14. КОЛО-ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Феникс 2010 не застанува со изненадувањата, ја прекина победоносната серијa на Пелистер

По репрезентативната кошарка на ред дојде домашната. Вечерва се одигра еден меч од 14. коло, во кој екипата на Феникс 2010 го пречека лидерот на табелата. И иако во ослабен соства, успеа во обидот да му го нанесе првиот пораз на лидерскиот тим во оваа сезона.

ФЕНИКС 2010 – ПЕЛИСТЕР          73:70

Двете екипи си поделија по една четвртина во првиот дел од играта. Гостите од Битола беа подобри во првата (23:18), а дебитантот во друштвото на најдобрите ја доби втората со (21:9). Иако без помошта на репрезентативниот двоец, Митревски-Хот, Феникс 2010 направи комплетен пресврт во тој дел од играта.

На три и пол минути пред истекот на првиот дел, Пелистер поведе со (32:31). Но тргна серијата (11-0) во која по заслуга на Морган, Трајковски и Михајлоски кои искомбинираа 31 од крајните 41,  а домашната екипа по 20.минути имаше убава предност (41:32).  

Во играта на лидерската екипа сериозно се почувствува отсуството на првиот тренер, Марјан Илиевски (здравствени проблеми), како и неиграњето на нивниот најдобар играч Игор Кесар, недостасуваше и репрезентативниот бек Бобан Стајиќ. Улогата на поентери ја преземаа Ѓуроски и Караџовски (заедно 21.поен во првото полувреме).

Цело второ полувреме „пелистерци“ се обидуваа да ја стигнат таа негатива. Дури во 35.минута се приближија само на „еден посед“ разлика. По поентирањето на Младеновиќ, нивниот трет „двоцифрен“ играч на овој меч, намалија на (58:61).

Но Феникс 2010 најде одговор, брзо, со помош на Михајлоски, Трајковски и Петков,  ја врати позитивата, сега на недостижни (67:58) како што беше резултатот на 2:22 минути пред крајот.

Доволни за најголемото изненадување во досегашниот дел од сезоната, прв пораз на Пелистер, деветта победа за екпата која за прв пат игра во Првата лига, и тоа добро, доста добро.