09.03.2022

Ангели не беа конкурентен ривал во дуелот на дебитантите, Феникс 2010 слави убедлив триумф од (86:66)

ЗАОСТАНАТ НАТПРЕВАР ОД 15. КОЛО ПРВА ЛИГА –МАЖИ: Феникс 2010 направи уште еден чекор кон Суперлигата

Кошаркарите на Феникс 2010 се многу поблиску до место во првата „шесторка“ која ќе го продолжи натпреварувањето во Првата лига во новоформираната Суперлига, откако славеа сигурна победа над вториот новак во друштвото на најдобрите - Ангели

АНГЕЛИ – ФЕНИКС 2010               66:86

Феникс 2010 стигна до уште една победа, само како потврда плус на високите амбиции кои се граничат со пласман во првите шест екипи кои по првата фаза ќе се одвојат како суперлигаши.

Во дуелот со уште еден новак во друштвото на најдобрите, Ангели, делуваа сигурно, делуваа доминатно. Го потврдија тоа и со убедлива победа, за нив десетта, макар што до неа стигнаа некомплетни, со неиграњето на младите репрезентативци Андреј Митревски и Амар Хот.

Но тренерот Денис Дервишевиќ ги имаше на располагање Двејн Морган, Бојан Трајковски и Џошуа Вилијамс, кои искомбинираа 68, од крајните 86 поени за победничката екипа.

Најголем дел од дилемите околу конечниот победник, гостите ги решија уште во вториот период од натпреварот кој го реализираа во своја корист, со убедливи (27-9), за водство од (45:27) на полувремето.

Она второто бепе само рутинерско одработување на работите, за заслужен десетти триумф на Феникс 2010 во 17.одиграни мечеви. за одржување на дистанцата од ривалите во трката за првите шест места на табелата.

Во домашната екипа, која, одамна е познато, ќе се бори за опстанокот, Наумоски даде 18, Раме 16, а Милков уште 14.поени.