Потполн реванш направија кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром во предвелигденското дерби со Еуро Никел 2005.
Дојдоа до особено важен триумф на гостувањето во „Јасмин“, освоија два бода со кои се приближија до самиот врв на табелата. Но и со разлика која им гарантира место погоре во однос на кавадарчани ако се земе в предвид дека во „Јане Сандански“ загубија со помала разлика во однос на овој дуел.
ЕУРО НИКЕЛ 2005 – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ 81:96
Доста израмнети беа првите 20.минути од играта на овој дерби дуел кој решаваше кој од двата ривали може да остане на позицијата број 2. Па дури и да влезе во некој „круг“ со лидерот Пелистер за првото, стартно место во доигрувањето за титулата.
Сепак, Еуро Никел 2005 го имаше најголемото водство во првата четвртина (20:14), во нешто повеќе од пет одиграни минути, а тој дел од играта кавадарчани го добија со (25:21)
Ниту еднаш гостите од Скопје не успеаја да го превземат тоа, би се рекло стандардно водство на Еуро Никел кое во втората четвртина беше и двоцифрен. По тројката на Мамузиќ резултатот во 12. минута беше (32:21).
Но во преостанатиот дел од играта „металците“ анулираа најголем дел од негативата и на полувремето заминаа со, за нив, прифатливи (45:48).
Рикиќ со 11 и Соколов со 10 поени се одвоија офанзивно во домашната екипа во тоа прво полувреме.
На спротивната во слична улога беа Магдевски, кој уфрли 12, и Карачиќ кој даде еден поен помалку – 11.
Кавадарчани имаа одлична реализација во шутот за три поени (8/15 односно 53%).
Во второто полувреме сосема поинаква слика...
Вистинска кошаркарска доминација поставија гостинските кошаркари. Во третиот дел од играта не само ѓто ја анлуираа прендоста, туку истата ја направија двоцифрена. МЗТ Скопје даде 30.поени во третата четвртина, и дојде до плус 10 (75:65).
На расположениот Магдевски, му се придодаде и Мекиќ, што беше дополнителен проблем за не баш најдобро поставената одбрана на кавадарчани во тие 10.минути од дербито.
Фатални за Еуро Никел 2005, кој не се опорави од тој удар кој му го зададе противникот.
За МЗТ Скопје Аеродром ова беше 20.меч во сезоната, стигнаа „металците“ до скор (14-6), кој им дава реални шанси во последните два меча да бидат уште подобро пласирани. Ако ги добија двата дефинитивно ќе бидат пред вечерашниот ривал кој по 22.натпревари завршуваат со ефект (15-7).
За кое место ќе биде доволно, ќе биде познато по одигрувањето на уште неколку заостанати натпревари, меѓу кои особено битен ќе биде оној во Битола, каде Пелистер го пречекува Работнички.