Серијата на победи за кошаркарите на Пелистер продолжува и во 2021 година. Таму каде што застанаа лани, битолчани продолжија во Гевгелија.
Пред себе имаа доста мотивиран и агресивен противник, кој пружи жесток отпор иако со „мал број на натпревари во нозете“. Мораа да играат дополнителни пет минути избраниците на тренерот Марјан Илиевски стигнат до нов триумф со кој се зацврстија на позицијата број 1 во Првата лига.
Во заостанатиот меч од првото коло, во Гевгелија...
КОЖУВ – ПЕЛИСТЕР 83:88
Мотивирани од лидерското место на табелата во Првата лига, битолчани одлично го отворија своето прво гостување во 2021 година.
Во Гевгелија рано загосподарија на теренот во салата „26.април“. Брзо се стекнаа со висока предност, која по пет минути од првата четвртина веќе беше двоцифрена, (17:7), за тој прв дел од мечот, „зелените“ го добијат со уште повисоки (22:10).
Почетокот на втората четвртина донесе далеку поефикасна игра на Кошув. Иако одамна „скарани“ со кошаркарската топка, односно доста долг временски период без официјални натпревари, гевгеличани полека се враќаа во натпреварот.
Па по тројката на новакот во нивните редови, Силаџи, беа во заостанување од шест поени (28:34).
Но во тие нецели три минути до големиот одмор, „пелистерци“ одговорија со своја серија со која ја вратија својата предност на двоцифрена. По поентирањето на Стајиќ на семафорот стоеше резултат (42:29), во корист на гостите од Битола. А во последните секунди од вториот период ја намалија Караџовски, и второто ново име во Кожув, Станојевиќ, за финални (33:43) на полувремето.
Она што го најавија во вториот период, домашните кошаркари го потврдија во третиот. Во целост доминираа на теренот кошаркарите на Александар Јончевски. А добрата игра, пред се во одбраната, ги донесе на само „половина поен“ негатива (58:59), пред влезот во периодот во кој најчесто се решава прашањето за конечниот победник.
Малата разлика донесе дополнително психолошко оптоварување кај двете екипе. Многу потешко реализираа и Кожув и Пелистер во тој дел од играта. Сепак, први се тргнаа „пелистерци“ кои со серијата од (7-2) во четири минути, се одвоија на (66:60).
Но Кожув „стана“ уште еднаш. По неспортската грешка на Малешевиќ, и забивањето на Силаџи, поведоа (67:66),а по тројката на Скот се одвоија и на (72:68). Пелистер најде одговор, преку Кесар и Калахан, во два напади, стигна до егал резултат (72:72), и 27. секунди за конечно решение.
Не дојдоа до него ниту Скот, ниту Калахан, па во Гевгелија мораше да се игра продолжение.
А во него сосема погрешна тактика на домашната екипа. Пробуваа со шут на далеќона, не им одеше како што посакуваа. На другата страна, битолчани делуваа сигурно од линијата за слободни фрлања.
А на половина од екстра периодот, тројка погоди и Стајиќ за скоро недостижни (80:72). Стигна Кожув на (83:86) во последната минута. Но остана премалку време за домашните кошаркари да направат уште еден „камбек“.
За Кожув ова беше само четвртиот меч во сезоната по кој остануваат единствената екипа без победа. Пелистер одигра многу повеќе-седум, и ги доби сите седум.
ФОТО: Димитар Петковски