05.05.2021

Во израмнет меч, одлучија финалните минути во кои кумановци слават голема победа (83:76) по која сега може да завршат и некое место погоре

ЗАОСТАНАТ НАТПРЕВАР ОД 20.КОЛО ОД ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Куманово ги шокираше „аеродромци“

МЗТ Скопје Аеродром ги загуби и теоретските шанси за првото место на табелата во регуларниот дел од Првата лига.

Нивните слабости, видливи особено во второто полувреме, ги казни екипата на Куманово 2009.

Кумановци се покажаа како поснаодливи во минутите на одлука, и дома носат големи два бода со кои сега може да се надеваат и на некое место погоре на табелата во пресрет на плеј-офот.

МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – КУМАНОВО 2009         76:83

Мошне изедначен меч во големата сала на СЦ „Јане Сандански“ одиграа вечерва екипите на МЗТ Скопје Аеродром и Куманово 2009. Макар што во првото полувреме домашната екипа имаше постојана предност која на полувремето изнесуваше седум поени (39:32).

Но работите на теренот почнаа да се менуваат во третата четвртина. Минути во кои доминација остварија кошаркарите од Куманово.

„Сино-белите“ од Куманово направија пресврт во тој дел од играта. Ја анулираа негативата, дури и преминаа во водство (55:54) пред истекот на тој дел од играта, кој сепак заврши со нерешени (55:55) по едно реализирано слободно фрлање на Магдевски.

Последниот дел почна со размена на тројки, на двете страни, но нерешениот резултатот остана. По три минути игра, беше (64:64).

Погодуваа, Ливингстон, Црниќ, Марковски на гостинската, но и Карачиќ и Магдевски од домашната страна, која најголемата предност, во тој дел од играта, од четири поени (70:66), ја имаше две минути подоцна.

Во иста ситуација беше и екипата од Куманово, која на 2:30 минути пред крајот „сврте“ на (74:70). Со тројка, намали Мекиќ (73:74), но во последната минута од овој меч, исполнет со доста промени на водството, се влезе со резултат (73:76) за гостите.

Таа разлика и ја зголемија, откако прво Андрејевиќ даде едно слободно фрлање, а Ѓекиќ ја заби топката во кошот на противникот за (79:73), на 18.секунди пред крајот.  

Но крајот не беше близу, затоа што прво Тарнер, со „два плус еден“ игра, го остави МЗТ Скопје Аеродром во игра (76:79). Ама послендата шанса им ја однесе „неспортската“ на капитенот Стојановски од која профитираше Марковски, а потоа и Ливингстон.

За двете екипи ова беше и 21. меч во регуларниот дел од сезоната. Им останува уште еден за да „определат“ од која стартна позиција ќе влезат во доигрувањето за шампионската титула.

Со овие два бода, а пре дпоследниот натпревар, оној против Вардар, кумановци се израмнија се израмнија со ефектот кој го имаат екипите на ТФТ и на Гостивар (12-9), кои утре вечер во меѓусебен дуел, во Гостивар, ќе одлучат кој ќе ја има, макар и привремено позицијата број 5.  

А по овој седми пораз во сезоната, екипата од Аеродром ја испушти можноста да се бори и за првата позиција. Сега ја дели третата со екипата на Еуро Никел 2009 (скор 15-7). За две вечери, ги чека уште еден меч, против Црн Дрим Грин мобиле, кој мора да го добијат за да останат на тоа место.