06.05.2021

И тоа на каков начин, со убедлива победа против еден од конкурентите за титулата, Работнички (94:77)

ЗАОСТАНАТ НАТПРЕВАР ОД 21. КОЛО ОД ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Пелистер стави печат на првото место

Она што го најавуваа низ текот на оваа турбулентна сезона, кошаркарите на Пелистер го потврдија на најдобар можен начин. Убедливо, на свој терен, во Битола, го победија Работнички еден од останатите фаворити во трката за шампионскиот трофеј во Првата лига. Освен тоа, ја потврдија најдобрата стартна позиција пред почетокот на доигрувањето за титулата, но и пехарот во Купот „Благоја Георгиевски Буштур“.

ПЕЛИСТЕР – РАБОТНИЧКИ        94:77

По одлично одиграните први десет минути, во кои Пелистер обезбеди високо водство (31:20), на четири пред крајот на втората четвртина, „зелено-белите“ ја имаа највисоката предност (46:29) во дерби дуелот во Битола кој решаваше која од овие две екипи ќе заврши како првопласирана.

Три минути подоцна, домашниот тим беше резултатски уште подалеку. Водеше Пелистер и со (48:32). А полувремето го затворија со слична разлика (54:39). Креирана од Малешевиќ (13.поени) и Калахан кој имаше 11, дополнета со девет поени од Стајиќ и еден помалку од Кесар.

На спротивната страна од теренот, каде го немаше стартниот центар Младеновски, се издвои американскиот „трилинг“, Аска-Торнтон-Питс кои искомбинираа 34. од вкупно 39 поени кои ги дадоа „црвено-белите“ во тие 20.минути.

Во продолжението на последниот меч во салата „Боро Чурлевски“ во регуларната фаза од шампионатот, домашната екипа имаше предност и повисока од 20.поени (60:39), па (70:49), за третиот период битолчани го решат со (79:60). Во тој стил, нешто помалку ефикасен, се одвиваа настаните и во последната четвртина во која беше познато се, односно дека Пелистер е бројот 1 по 22.одиграни кола, затоа што запиша најмногу победи – 17, имаше најмалку порази – 5.

Работнички сега има ефект (15-7), ист како што има и екипата на Еуро Никел 2005. Но „црвено-белите“ се во предност во однос на кавадарчани (две победи во меѓусебните дуели, а и од својот вечен ривал, МЗТ Скопје Аеродром (исто така две победи во меѓусебните дуели), па ја „фиксираа“ позицијата број 2 пред почетокот на плеј-офот.