07.05.2021

Некогашниот „металец“ погоди на пет секунди пред крајот за, победа на „фенерцијата“ против топ фаворитот (90:88)

ЗАОСТАНАТ НАТПРЕВАР ОД 21. КОЛО ОД ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Настовски го шокираше МЗТ Скопје Аеродром!

Во последниот натпревар од регуларниот дел од сезоната, Црн Дрим Грин мобиле и МЗТ Скопје Аеродром одиграа инфарктни 40.минути, а одлуката дојде на пет секунди пред крајот, кога Настовски погоди за голем триумф на струшкито прволигаш, кој со оваа победа добива голема мотивација пред битките за опстанок во друштвото на најдобрите.  

ЦРН ДРИМ ГРИН МОБИЛЕ – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ   90:88

Изненадувачки се одвиваа настаните во СЦ „Тими“ во Струга во првото полувреме. Аутсајдерот во Првата лига имаше постојана предност во дуелот кој е еден од фаворитите за шампионскиот трофеј.

Во првото полувреме стружани играа и над своите можности, имаа постојано водство кое на одморот изнесуваше шест поени (48:42).

Но по големата пауза, МЗТ Скопје Аеродром покажа едно ново лице, ефикасно пред се. Во третата четвртина „металците“ постигнаа 30.поени, примија само 18, и поведоа со (72:66).

Тоа беше најава дека последните десет минути ќе донесат и конечно решение на овој рамноправен натпревар.

Тоа и се случи...

Победникот беше решен буквално во последната минута. Прво Мекиќ, со две слободни фрлања, на 22 секунди пред крајот донесе нерешени (88:88). А по тајм-аутот, стружани решија да решава некогашниот играч на МЗТ Скопје Аеродром.

И Андреј Настовски го стори тоа, погоди за (90:88), за победа, втора за Црн Дрим Грин мобиле по 22.одиграни натпревари.

По овој осми пораз, МЗТ Скопје Аеродром се „лизна“ на четвртата позиција на табелата од која ќе тргне во плеј-офот.