Во Гевгелија се играше продолжение од пет минути. Откако во регуларниот дел беше нерешено (73:73), во тој екстра период, до победата стигнаа кошаркарите на Кожув
КОЖУВ – ВАРДАР 86:82 (73-73)
Одличен почеток имаа кошаркарите на Кожув на овој меч. По двете тројки на Караџовски и поените на Пајиќ, за нецели две минути поведоа со (8:0), како најава дека тимот од Гевгелија е решен да „спои“ две победи по онаа реализирана пред некој ден во Струга.
Но кошаркарите на Вардар брзо се опоравија по стартниот минус. Дадоа седум поени во серија, го намалија водството на противникот. Но за кратко, Затоа што Кожув имаше и двоцифрена предност од (23:13), во 7.минута. Потоа и идентични (28:18), кои со три поени по ред ги намали најдобриот стрелец во Првата лига, Џуниус Провел, за (21:28).
Во ист стил се одвиваа настаните на теренот и во втората четвртина. По тројката на Станојевиќ, во 15.минута, Кожув дојде до највисокото водство (38:26), кое истиот играч го зголеми и на плус од14.поени, (42:28).
Но, американскиот двоец во тимот на Вардар, Провел-Диксон успеа во обидите таа разлика да ја сведе на едноцифрена. И на полувремето домаќините да имаат „само“ плус од седум поени (43:36).
Се што градеа во 20.минути, гевгеличани испуштија во само десет. Му дозволија на ангажираниот противник да направи комплетен играчки и резултатски пресврт.
Ја добија „вардарци“ третата четвртина со двојно поголем број на дадени-22, во однос на примени поени-11. За водство од (58:54) со кое тргнаа во решавачкиот период од играта. Период во кој за неполни три минути Кожув го врати водството (64:62), но со краток „рок на траење“ затоа што упорните гости го престигнаа уште еднаш.
Четири минути подоцна поведоа со (70:67).
Водеа и по тројката на малку забележливиот Радош, (73:71) кога останаа да се доиграат 01:28 минута.
Израмни Силаџи на (73:73), а Вардар имаше напад од 21.секунда за победа. Но Провел не погоди за триумф, па мораше да се играат дополнителни пет минути.
Токму тројката на Силаџи, и онаа на повратникот во тимот, заздравениот Симоновски, му донесоа позитива од пет поени на Кожув (82:77). Вардар се врати на (82:84), кога останаа 11 секунди. Но Караџовски со двете реализирани слободни фрлања ја тргна неизвесноста. Го донесе Кожув до вториот по ред триумф во пет одиграни мечеви. А за својата игра беше награден и со „трипл-дабл“ ефект.
Искусниот бек реализираше 15.поени, 11.асистенции и 10.скока во овој успех на екипата од Гевгелија.
ПРВА ЛИГА-МАЖИ
ЗАОСТАНАТИ НАТПРЕВАРИ
ЦРН ДРИМ ГРИН МОБИЛЕ – АКАДЕМИЈА ФМП 65:86
КОЖУВ – ВАРДАР 86:82 (73-73)
ТФТ – ПЕЛИСТЕР во тек
ГОСТИВАР – КУМАНОВО во тек