Не дадоа сто поени, но кому му е грижа за тоа. Кошаркарите на Пелистер продолжуваат да победуваат. Го направија тоа и по петти пат за краток временски интервал, односно откако почнаа да играат.
Против екипата која имаше три „врзани“ победи, Академија ФМП, имаа многу подобро второ полувреме на дуелот во Кисела вода, а во кое и ги реализираа своите високи амбиции.
АКАДЕМИЈА ФМП – ПЕЛИСТЕР 67:95
Во серии погодуваа двете екипи во почетната четвртина. Но многу подолго траеше гостинската. По онаа втората, со двете тројки на Трајковски, Пелистер стигна и до солидна предност од (25:17), која пред првиот „мал одмор“ ја намали Темелковски со две погодени слободни фрлања, (19:25).
Влегувањето на најмладиот во тимот, Димитровски, донесе ново освежување во играта на Академија фМП, по она на Петровски. Односно серија од (6-0) за минус од два поени (25:27) и тајм-аут за тренерот на Пелистер, Марјан Илиевски по нецели две минути од втората четвртина.
Но домашните кошаркари не успеаја во обидите да направат и комплетен резултатски пресврт. Во голема мерка, голема пречка беше Малешевиќ, кој до истекот на полувремето веќе комплетираше 15.поени. „Зелените“ го одбија првиот напад, и се одвоија на плус 8, (39:31) во 16.минута, а и во оној втор дел од четвртината во кој ја сочиваа таа предност.
И на одмор имаа позитива од девет поени (49:40).
Трајковски и Кесар со комбинирани 17. поени му дадоа подршка на најефикасниот играч на тимот од Битола.
По одличниот почеток, Крстајиќ закочи на 11.поени, но не доби понетерска подршка од другите, стартни бекови, како Главчев и Херис (останаа без запишан поен во полувремето). Тоа, заедно со нискиот процент на реализација од поле од само 38% беа основните причини за негативно салдо по 20.одиграни минути.
Почетокот на второто полувреме не донесе некои сериозни промени во играта. Домашната екипа се обидуваше да ја стигне таа стандардна позитива на „пелистерци“ кои релативно лесно одржуваа резултатска контрола.
По четвртата тројка на Трајковски, и серијата (12-3) во нешто повеќе од четири минути, Пелистер одново беше далеку. По три четвртини, на семафорот во „Независна Македонија“ стоеше (57:71).
Веќе недостижни за составот кој го предводи Александар Петровиќ.
Екипата од Битола има и искуство и знаење, но и подлабок играчки ростер, но и повеќе расположени кошаркари, не само оваа вечер, од онаа на Академија ФМП. Евидентно во последната делница од натпреварот, во 34.минута, во која битолчани имаа предност и од 21.поен (80:59). За разлика од домашната, комплетната стартна петорка на гостите од Битола заврши со двоен број на поени, што само по себе говори за пристапот кој го имаа кон обврските во овие 40.минути кои ги однесоа на врвот на табелата во Првата лига.
ФОТО: Димитар Петковски