27.01.2021

Младиот тим на МЗТ Скопје Уни Банка беше конкурентен во првите 17.минути. Една четвртина доволна за победа на Кожув (100:79)

ЗАОСТАНАТ НАТПРЕВАР ОД 6. КОЛО ВО ПРВАТА ЛИГА-МАЖИ: Со триминутен „блиц-крик“, Кожув го скрши отпорот на младите „металци“

Се чини дека гостинската екипа како да имаше сили за неполни 20.минути. На гостувањето во Гевгелија, МЗТ Скопје Уни Банка покажа дека има талент, но и дека треба многу да работи во обидот да дојде до потребното искуство за играње на прволигашки натпевари, особено на гостински терен. Триминутната серија односно една добра четвртина, втората, му ја донесе на Кожув победата на овој натпевар.

КОЖУВ – МЗТ СКОПЈЕ УНИ БАНКА     100:79

Многу подобар почеток имаа младите гостински кошаркари. Во шест минути направија предност од (18:10), која не ја превдаа и до крајот на првата четвртина. По 10.минути МЗТ Скопје Уни Банка имаше нешто „поситни“ (24:19).

Но се што градеше составот од Аеродром во 17.минути „го пушти низ вода“ во само три. Оние последните, неполни три, од втората четвртина во која Кожув влезе во една неверојатна поентерска серија.

Откако Савиќевиќ погоди за гостинскиот минималец од (39:38), за само 2:46 минути гевгеличани направија серија од (14-2), преку која дојдоа до првата двоцифрена предност (52:41), со која и се замина на големиот одмор.

Во продолжението, натпреварот влезе во некои „помирни води“. Домашната екипа успешно го одржуваше двоцифреното водство, кое во 27.минута беше и највисоко (71:55). Недолго потоа уште повисоко (74:55) за тој трет период биде заокружен со резултат (74:60) за домаќините.

Крајот за гостинските надевања за евентуален успех дојде во првите пет  минути од четвртата делница. Со серија од (9-2) гевгеличани се одвоија на недостижни (83:62).

За Кожув ова беше осмиот меч во сезоната заокружен со три победи во последните четири одиграни. Исто толку мечеви, но со само една победа,  имаат кошаркарите на МЗТ Скопје Уни Банка.