Може да се игра, вистинска, квалитетна кошарка и во Македонија Го презентираа тоа вечерва кошаркарите на Пелистер и на Гостивар во салата „Боро Чурлевски“ во Битола.
Во НБА стил ги одиграа оние 40.минути претендентите за највисок пласман на табелата.
Лидерот водеше во најголемиот дел и го „доби“ првото полувреме. Гостите имаа „ескплозивни“ пет минути по кои битолчани не успеаја да се вратат „назад во мечот“. Ниту да се одбранат од „напаста“ наречена Ивица Димчевски...
ПЕЛИСТЕР – ГОСТИВАР 111:115
Доста ефикасно се играше од самито почеток на овој натпревар кој беше означен како еден од најинтересните од одложените од 6.круг на Првата лига. Макар што Пелистер беше екипата која постојано водеше.
По шест минути со (19:13), две минути подоцн со уште поубедливи (23:15), но првите 10.минути беа заокружени со плус од два поени за домашната екипа (29:27).
Максимално прецизен во тој дел од играта кај Гостивар беше Димчевски. Ги погоди сите четири обиди вредни по три поени. Доволно за гостите да дојдат до резултатски егал. Односно нерешени (33:33), по две минути игра од втората четвртина.
Ефикасно, на двете страни од теренот, се играше и во втората делница од дерби дуелот во Битола. За нијанса подобри, исто како и во првата, беа „пелистерци“ кои водеа (56:52).
Трајковски и Малешевиќ веќе имаа по 13.реализации, Кесар еден поен помалку во домашната екипа.
Кај гостите, поентерски во првото полувреме го одбележа токму Димчевски. Поранешниот репрезентативец погоди пет од шесте обиди вредни по три поени, застана на бројката од 19. реализации.
А по одморот, неверојатни пет минути на Гостивар!!!
Вистинската поентерска експлозија на гостите кои во тој интервал направија серија од (23-3), за големи (75:59). Дадоа пет тројки, по две Костоски и Вокер, а уште една дојде од Димчевски, негова шеста. Во поентирањето им се приклучија и Фрајдеј и Тасовски...
Пелистер врати со своја серија од (9-2) и намали на (67:77). Но Фрајдеј го продолжи шутерското гостиварско лудило, за (80:68) по 27.минути од играта.
Колку и да се обидуваа, „зелено-белите“ не успеаја да се опорават од тој удар. Гостивар го имаше феноменалниот Ивица Димчевски, кој до своите 35.поени дојде со 70% на реализација во шутот за три поени (7/10). Имаше и девет скока, а имаше и одлични „помагачи“ во Костоски, Фрајдеј и Вокер.
Пелистер мораше да го признае вториот пораз за кратко време, по кој веќе не е сигурен за местото број 1 на табелата.
ФОТО: Димитар Петковски