06.04.2021

Натпревар во кој тимот на Димитар Мираковски стигна „хендикеп“ од 13.поени, и славеше со (79:72)

ЗАОСТАНАТ НАТПРЕВАР ОД 6.КОЛО ОД ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Работнички му се реваншираше на Куманово, фаќа залет кон горниот дел од табелата

Кумановци имаа почетно водство од (13-0) но тоа се покажа како далеку од доволно да се победи Работнички во Скопје, кој пак од друга страна, направи уште еден чекор напред на табелата.  

РАБОТНИЧКИ – КУМАНОВО 2009           79:72

Силен старт направија кошаркарите на Куманово на ова гостување во „Кале“. Неверојатни изгледаа оние (0:13) на семафорот по само три и пол одиграни минути, или три минути подоцна кога испишуваше (19:6).

Но кумановци уште побрзо ја загубија. Подобро кажано, Работнички се врати со своја серија, па до истекот на првата четвртина имаше и тоа како прифатливи (20:22).

Првиот егал скор беше регистриран во 15.минута (29:29), кога погоди Бундовиќ. Уште еднаш, Куманово 2009 се одвои на позитива од плус 6 (37:31), но уште еднаш брзо (скоро) и ја загубија гостинските кошаркари во нецели три минути.

На полувремето, одново водеа само со два поени (39:37).

Звучи скоро па неверојатен податокот кој вели дека во домашната екипа овие 37.поени ги постигнаа само тројца кошаркари. Питс имаше 19. Младеновски 10, а Бундовиќ додаде осум поени.

Толку од „црвено-белите“ во 20.минути!!!

На другата страна пак, Ѓекиќ и Ливингстон запишаа по 11.реализации, Андрејевиќ имаше две помалку. Од условно кажано резервите, само еднаш погоди, Зивчевиќ!!!

Малку поинакви беа бројките во второто полувреме, сега на страната на Работнички. Домашната екипа го презема водството, кое по тројката на Ефремовски во 26.минута беше највисоко (52:45).

А репрезентативниот бек стана четвртиот играч на Работнички кои постигнаа поени од игра (Мулалиќ и Торнтон имаа по еден, од линијата за слободни фрлања).

Но многу брзо, дојде редот на „сино-белите“ да одговорат. И да стигнат до нов нерешен резултат (53:53), како што беше на 2:27 минути на истекот на третиот дел.

Да не биде толку рамноправно, со својот 26.поен, се погрижи Питс, за минимално водство на домаќините, (55:53).

Го зголемија со серијата (11-4) по која поведоа и со најубедливите (66:57) во три и пол минути од играта во последната четвртина.

Во оние другите, Ефремовски и Питс ги одбиваа сите напади на гостите од Куманово. Ја одржуваа таа едноцифрена разлика, на крајот доволна за нов успех во шампионатот.

За Работнички ова беше натпревар број 14, и ефект од девет победи и пет порази, додека пак Куманово 2009 го одигра 16.првенствен меч во сезоната по кој има скор (10-6).