03.03.2021

Работата им ја олесни анемичниот противник, но и добрата игра во одбраната за конечни (90:74)

ЗАОСТАНАТ НАТПРЕВАР ОД 8. КОЛО: Кожув брзо заборави на Вардар, го „доби“ Гостивар

Дека овој шампионат ќе биде доста изедначен, покажа и вечерашниот дуел во Гевгелија, во кој Кожув стигна до значајна победа над еден од фаворитите во првенството – Гостивар.

Гевгеличани брзо се рехабилитираа за шок-поразот пред некој ден на гостински терен, од Вардар. Добија тим кој е претендент за место во првата „четворка“ на шампионатот.

КОЖУВ – ГОСТИВАР   90:74

Доста изедначено се играше во Гевгелија во првата четвртина. Но на истекот на десеттата минута, Кожув имаше минимално водство од (21:19).

Домаќините продолжија со добрата игра и на почетокот на вториот период во кој за неполни три минути, имаа серија од (11-4) со која изградија и солидно водство од девет поени (32:23). Не застанаа, нивната серија продолжи до (23-10) по која дојдоа до најубедливата предност (44:29) на три минути пред крајот на полувремето.

„Црвено-белите“ од Гевгелија имаа двојно повеќе скокови во однос на гостите, освен тоа и висок процент на реализација (повеќе од 50%) во тој дел од играта во кој го изградија тоа високо водство. Сличен беше и резултатот на полувремето (49:36) во корист на домашната екипа.

Ниту паузата од 15.минути, не донесе добри моменти за гостите од Гостивар. Тешко, како ретко досега во овој дел од сезоната, „се спојуваа“ со противничкиот кош. Од друга страна, Кожув не само што ја одбрани високата предност, туку до крајот на третата четвртина дури и ја зголеми.

Имаа плус од 17.поени (64:47). Станојевиќ имаше 16.реализации, Силаџи 10, но комплетната прва петорка која за овој меч ја одбра Павле Николов, помошникот на Александар Јончевски, кој е во изолација поради коронавирусот, „работеше“ одлично. Доби награда во вид на победа, за нив шеста во шампионатот во 13.одиграни натпревари.

За Гостивар пак ова беше петтиот пораз, во ист број на одиграни средби - 13.