29.05.2022

Повеќе од триесет тренери присуствуваа на демонстративните тренинзи во СРЦ „Кале“ во Скопје

Завршен дел од проектот „Baski“ за сезоната 2021/2022

Како дел до планираните активности, кои се составен дел од проектот „Baski“ за тековната натпреварувачка сезона, тимот задолжен за реализација на планираното, го реализираше и последниот дел.

Во салата на СРЦ „Кале“ со присуство на повеќе од триесет тренери, беа реализирани завршните активности од проектот.

Селекторот Александар Јованчев заедно со генерацијата на играчи родени 2008 демонстрираше неколку вежби поврзани со еден од модулите во рамки на проектот. Конкретно модулот креативност кој опфаќа теми за меѓусебна почит, решавање на проблеми кога ситуацијата изискува брзи решенија, несебичност, прецизни цели за остварување, дисциплина и инспирирање на соиграчите.

Непосредно пред оној „работен дел“ од собирот во „Кале“ на присутните им се обрати генералниот секретар на федерацијата, Владимир Георгиевски.

„Минатото лето бев убеден дека ќе биде едно од најангажираните лета во однос на активностите на федерацијата. Но можам да потврдам дека и ова ќе ни биде исполнето со доста активности.

Сите младински репрезентации се пријавени за учество во соодветните првенства низ Европа. Почнувајќи од кадетите до 16 години, до младинците до 20 години. Исто како и минатата година и ова лето ја уживаме довербата на ФИБА да бидеме организатори на две младински шампионати и тоа женското младинско првенство за кошаркарки до 20 години ‘Б’ дивизија кон средината на месец јули и кадетското машко првенство за кошаркари до 16 години ‘А’ дивизија, со кое ќе го заокружиме летото полно со настани.

Не можеме да ги изоставиме и најмладите кои се активен дел од проекти на федерацијата преку кои учествуваат на меѓународни турнири и се подготвуваат за следната етапа од нивната репрезентативна кариера, а тоа се континенталните собири организирани од ФИБА. Токму овој проект за кој сме собрани денес – Баски е еден од неколкуте кој ги опфаќа нивните активности“ - потенцираше Георгиевски.