08.09.2022

Само Србија и Грција со максимален ефект, „пет од пет“во групниот сегмент од Европското првенство

Заврши групната фаза од Евробаскетот, во Берлин следува она главното – битката за медалите

Со последните натпревари од групната фаза, конечно е дефиниран и изгледот на сите групи и познати се сите репрезентации што ќе учествуваат во онаа втора, елиминациска фаза од Европското првенство.

Завршниот дел од 41. по ред Евробаскет ќе се игра во Берлин, а таму патуваат 16 репрезентации за кои, генерално, се очекуваше да бидат дел од разигрувањето за титулата.

А само две селекции, оние на Србија и на Грција, може да се пофалат со максимален ефект во овој прв дел од шампионатот кој се играше во Прага, Келн, Тбилиси и Милано.

Селекциите кои и претходно важеа како фаворити, ги победија сите пет натпревари, и ги освоија првите места во групите „Ц“, односно „Д“.

Но, тоа не мора да значи и нешто подобар распоред во осминафиналето, па и битките кои следуваат до трофејот кој го брани селекцијата на Словенија и која се чини дека има најлесен пат од фаворитите.

Во осминафиналето, Лука Дончиќ и соиграчите ќе играат со Белгија, а ако победат, ќе се сретнат со подобриот од пресметката меѓу Украина и Полска. Ако нема изненадување, полуфиналето ќе биде вистински спектакл во „Мерцедес бенз Арената“, проектирано полуфинале би било Србија-Словенија, реприза на последното финале од 2017 во Истанбул.

Грција е голем фаворит за место во полуфиналето. Според „костурот“, во осминафиналето кое стартува веќе утре, за ривал ја имаат Чешка, која го „фати последниот воз“ со победата против Израел, а во четвртфиналето треба да се сретне со Германија. Уште еден одличен меч во најава, во кој извесно е, Германците ќе има што да кажат пред својата публика во Берлин.

ДВОЈКИ - ОСМИНАФИНАЛЕ

10.СЕПТЕМВРИ

12.00: Турција – Франција

14.30: Словенија – Белгија

18.00: Германија – Црна Гора

20.45: Шпанија – Литванија

11.СЕПТЕМВРИ

12.00: Украина – Полска

14.30: Финска – Хрватска

18.00: Србија – Италија

20.45: Грција - Чешка