20.08.2020

Претседателот на нашата федерација се прости од својот голем пријател

Збогум Батка!

„Во вакви моменти нема зборови кои ќе донесат утеха и ќе ја намалат болката, но сепак дозволете ми, сакам да упатам најискрено сочувство до семејството на мојот голем „френд“ Драган Василов – Цевка, за огромната загуба на нивниот сопруг, татко, дедо.

Во овие моменти на тага кои е тешко да се опишат, сакам да се присетам на сите оние досетки, шеги што еден со друг си ги имавме приредено. Да, понекогаш дури и само споменувањето на неговото име, ми носеше од оние заразни насмевки, типични, негови...

Ти беше тој кој од 80 деца ме одбра во групата од 20, и ги кажа магичните зборови ‘извод од матично и две слики’...

Ти беше тој што виде нешто во мене, и избра да ме земеш како најмлад во кадетската репрезентација на Македонија, и покрај, според мене, поквалитетни кошаркари.  Да ми го овозможиш, да ми го дадеш тоа чувство како е да се игра на Европско кадетско првенство...

Ти беше тој што направи да ја засакам кошарката и да уживам во неа!

Таков беше, таков и ќе те паметам...

Верувам дека неговото име имаше ваков ефект на сите луѓе кои го познаваа и сигурен сум дека ова е особина која можат да ја изведат само навистина големите луѓе.

Мојот, нашиот Цевка беше еден од најпозитивните ликови, вљубеник во кошарката, тренер и креатор на цели генерации млади играчи... Другар, пријател, и семеен човек за пример – едноставно, легенда.

Легендите живеат засекогаш. Збогум Батка!“

Твојот Перо