15.01.2020

ЗБОРОТ НА ТРЕНЕРИТЕ ПРЕД ВТОРИОТ ДЕЛ ОД СЕЗОНАТА - МАРЈАН СРБИНОСКИ (ГОСТИВАР): Наша примарна цел е пласман во Суперлигата

Овој викенд, продолжуваат возбудувањата во нашата Прва лига. Паузата од речиси еден месец беше добредојдена за најголем дел од прволигашите, иако треба да се земе предвид дека тоа не важеше за екипата на МЗТ Скопје која продолжи со играњето во АБА 2 лигата.

Дел од нив направија некои измени во играчкиот состав, дел одлучија дека во битките за што подобар пласман имаат доволно квалитет да го реализираат тоа.

Какво е „расположението“ кај тренерите на нашите прволигаши пред продолжението на натпреварувачката сезона 2019/2020?

1.Промени во играчкиот кадар, ако има што донесоа тие за вашата екипа?

2. Очекувања од вториот дел од сезоната на клупски план?

3.Прогноза, кои екипи се фаворити за место во Суперлигата, а кои ќе играат во плеј-аутот?

Следуваат одговорите на трите прашања...  

1.Барем засега попрво би рекол дека во новата сезона влегуваме и ослабени. Го ослободивме од понатамошните обврски Вучковиќ, па сега сме во потрага по квалитетно играчко решение на позициите 4-5. Пазарот е таков каков што е, не нуди некои решенија според нашите желби, и пред се можности. Ќе видиме, не сме го затвориле играчкиот ростер...

2.Наша примарна цел во овој шампионат е пласман во првите шест екипи, односно место во Суперлигата. Се друго е според принципот “затоа-потоа’. Секундарно, секако тоа би била битка за првите четири позиции. Но реков, одиме чекор по чекор. Прво да бидеме во кругот на шесте екипи кои продолжуваат понатаму во трката за трофејот.

3.Мислам дека е крајно неблагодарно да се даваат некои прогнози околу тоа како ќе изгледа Суперлигата односно плеј-аутот.Сведоци сте дека ова првенство е доста израмнето. Дека екипите од второто до седмото место се на ‘растојание’ на две односно три победи, па можно е и екипата на Пелистер да се вклучи во таа група. Битолчани имаат стабилност, и квалитет и може да ја стигнат таа негатива.