15.01.2020

ЗБОРОТ НА ТРЕНЕРИТЕ ПРЕД ВТОРИОТ ДЕЛ ОД СЕЗОНАТА - ЉУПЧО МАЛИНКОВ (ПЕЛИСТЕР) : САКАМЕ ПЕЛИСТЕР ДА БИДЕ СУПЕРЛИГАШ

Овој викенд, продолжуваат возбудувањата во нашата Прва лига. Паузата од речиси еден месец беше добредојдена за најголем дел од прволигашите, иако треба да се земе предвид дека тоа не важеше за екипата на МЗТ Скопје која продолжи со играњето во АБА 2 лигата.

Дел од нив направија некои измени во играчкиот состав, дел одлучија дека во битките за што подобар пласман имаат доволно квалитет да го реализираат тоа.

Какво е „расположението“ кај тренерите на нашите прволигаши пред продолжението на натпреварувачката сезона 2019/2020?

1.Промени во играчкиот кадар, ако има што донесоа тие за вашата екипа?

2. Очекувања од вториот дел од сезоната на клупски план?

3.Прогноза, кои екипи се фаворити за место во Суперлигата, а кои ќе играат во плеј-аутот?

Следуваат одговорите на трите прашања...  

1.Многу веројатно е дека ќе продолжиме со истиот играчки кадар и во вториот дел од сезоната. Сметам дека имаме добра екипа која може да ги реализира плановите на клупското раководство. Во секој случај, ако  се појави можност да пронајдеме нешто плус, тогаш би се активирале на пазарот на играчи.

2.Пред се, за мене како тренер е најважно Пелистер да игра подобро од што тоа го правеше во оној прв дел од првенството. Односно навреме да го фатиме оној натпреварувачки ритам потребен за првенствените натпревари. Тоа се и моите планови, мислам дека имаме квалитет да го реализираме тоа

3.Ангажиран сум Пелистер да се најде во групата на шест екипи кои ќе играат во Суперлигата. Кога би прогнозирал би го најавил тоа дека Пелистер ќе биде суперлигаш. Ќе сториме се што е во наша моќ да биде така на истекот на првата фаза. Самиот поглед на табелата кажува дека седум екипи се борат за шест места. Еден до нив ќе мора да се ‘задоволи’ со играње во плеј-аутот. Се надевам дека нема да бидеме ние.