15.01.2020

ЗБОРОТ НА ТРЕНЕРИТЕ ПРЕД ВТОРИОТ ДЕЛ ОД СЕЗОНАТА - АЛЕКСАНДАР ЈОНЧЕВСКИ (КОЖУВ): Да останеме во ТОП 5

Овој викенд, продолжуваат возбудувањата во нашата Прва лига. Паузата од скоро еден месец беше добредојдена за најголем дел од прволигашите, иако треба да се земе предвид дека тоа не важеше за екипата на МЗТ Скопје која продолжи со играњето во АБА 2 лигата.

Дел од нив направија некои измени во играчкиот состав, дел одлучија дека во битките за што подобар пласман имаат доволно квалитет да го реализираат тоа.

Какво е „расположението“ кај тренерите на нашите прволигаши пред продолжението на натпреварувачката сезона 2019/2020?

1.Промени во играчкиот кадар, ако има што донесоа тие за вашата екипа?

2.Очекувања од вториот дел од сезоната на клупски план?

3.Прогноза, кои екипи се фаворити за место во Суперлигата, а кои ќе играат во плеј-аутот?

Следуваат одговорите на трите прашања...  

1.Со оглед на тоа дека Дехуан Мареро имаше двомесечен договор, и неговите понатамошни обврски во Порторико, бевме приморани да бараме друго решение на оваа позиција. За таа цел се решивме да го ангажираме Дивон Џенкинс како замена. Ќе видиме како сето тоа ќе функционира во продолжението од сезоната. Макар што, Искрено, за нас најголемо засилување ќе биде враќањето на Бојан Трајковски во екипата.

2. И во оние последни мечеви од првиот дел се почувствува и тоа сериозно отсуството на играч од профилот на Трајковски. Ќе мора да бидеме трпеливи со неговото враќање на паркетот, и тоа е еден од оние фактори кои може да одлучат многу работи. Од она што го знам е дека успешно се рехабилитира по оперативниот зафат. Почна со полесни вежби, без топка. Веруваме дека постои можност да се случи да го имаме на располагање во првата недела од февруари, и дуелот со Куманово. Но нема да брзаме, во прилог ни оди и паузата, онаа поради настапите на нашиот национален тим. И можеби најдобро ќе биде да го имаме максимално подготвен токму по февруарскиот прозорец, односно после 23.февруари.

Првенството е долго, има уште доста да се игра, нашите очекувања се да бидеме во кругот на екипи кои ќе играат во Суперлигата.

3.МЗТ е фаворит број 1 да ја одбрани титулата. Формираа екипа која треба да го направи тоа. Но гледаме дека се засилува и Работнички. Еуро Никел 2005 е сосема солидна екипа, добро пополнета на сите позиции. Ние и Гостивар сме во оној, да го наречам, ТОП 5.

Не го знам распоредот на Пелистер, кој заедно со Куманово би требало да се борат за тоа последно место кое води во Суперлигата.Морам да кажам и тоа дека Академија ФМП е екипа која може да изненади, и дека со некоја победа против фаворитите да ја ‘креира’ табелата во наредните седум кола.