15.01.2020

ЗБОРОТ НА ТРЕНЕРИТЕ ПРЕД ВТОРИОТ ДЕЛ ОД СЕЗОНАТА – ДАРКО РАДУЛОВИЌ (ВАРДАР): Да го подобриме квалитетот и да ја подигнеме самодовербата кај играчите

Овој викенд, продолжуваат возбудувањата во нашата Прва лига. Паузата од речиси еден месец беше добредојдена за најголем дел од прволигашите, иако треба да се земе в предвид дека тоа не важеше за екипата на МЗТ Скопје која продолжи со играњето во АБА 2 лигата.

Дел од нив направија некои измени во играчкиот состав, дел одлучија дека во битките за што подобар пласман имаат доволно квалитет да го реализираат тоа.

Какво е „расположението“ кај тренерите на нашите прволигаши пред продолжението на натпреварувачката сезона 2019/2020?

1.Промени во играчкиот кадар, ако има што донесоа тие за вашата екипа?

2. Очекувања од вториот дел од сезоната на клупски план?

3.Прогноза, кои екипи се фаворити за место во Суперлигата, а кои ќе играат во плеј-аутот?

Следуваат одговорите на трите прашања...  

1.Да, направивме некои промени на оние круцијални позиции во екипата. На плејмејкерската позиција го вративме Џуниус Провел, добро познат играч. Со него би требало да бидеме и малку поискусни. Си замина Радош, сакаме да бидеме посилни и внатре во рекетот. Ќе видиме, имаме некои опции и за таа позиција.

2.Треба да имаме подобра екипа која, барeм за мене, треба да игра многу подобро во однос на првиот дел од првенството. Наша цел е да го подобри квалитетот кај играчите, да се стекнат со многу поголема самодоверба потребна за играње во прволигашката конкуренција. Тоа им треба на овие млади кошаркари, и нашите обиди се усмерени токму во таа насока.

3. Уф, навистина незгодно прашање на кое е тешко да се даде одговор. Ќе се обидам вака, знам кои три екипи ќе играат во плеј-аутот. Ние, МЗТ Скопје Унибанка и Академија ФМП. Другите се кандидати за Суперлига. А кога сме кај Суперлигата, мислам дека за тоа последно место ќе се борат Куманово и Пелистер.