16.01.2020

ЗБОРОТ НА ТРЕНЕРИТЕ ПРЕД ВТОРИОТ ДЕЛ ОД СЕЗОНАТА – ГОРАН САМАРЏИЕВ (ЕУРО НИКЕЛ 2005): Да бидеме уште подобри

Овој викенд, продолжуваат возбудувањата во нашата Прва лига. Паузата од скоро еден месец беше добредојдена за најголем дел од прволигашите, иако треба да се земе в предвид дека тоа не важеше за екипата на МЗТ Скопје која продолжи со играњето во АБА 2 лигата.

Дел од нив направија некои измени во играчкиот состав, дел одлучија дека во битките за што подобар пласман имаат доволно квалитет да го реализираат тоа.

Какво е „расположението“ кај тренерите на нашите прволигаши пред продолжението на натпреварувачката сезона 2019/2020?

1.Промени во играчкиот кадар, ако има што донесоа тие за вашата екипа?

2. Очекувања од вториот дел од сезоната на клупски план?

3.Прогноза, кои екипи се фаворити за место во Суперлигата, а кои ќе играат во плеј-аутот?

Следуваат одговорите на трите прашања... 

1.Реално немаме некој голем маневарски простор за реализација на некои планови поврзани со промени во играчкиот кадар. Што ќе биде во тој поглед, ќе видиме. Факт е и тоа дека она што ни се нуди во овој момент нема квалитет, и дека само во некоја исклучително поволна опција би направиле чекор напред во таа насока. Засега туркаме со она што го имаме на располагање.

2.Да продолжиме со добрите игри кои ги прикажавме во најголем дел од првата фаза на првенството. Би рекол, да продолжиме во исто темпо. Но одиме чекор по чекор, од натпревар во натпревар. Допрва следуваат тешките натпревари во кои очекуваме да бидеме уште подобри. Ќе се бориме да ја одбраниме позицијата на која сме во овој момент. Мислам дека имаме сили за такво нешто.

3.Седум тима се борат за оние шест места кои водат во следната суперлигашка фаза. Не треба да се исклучи ниту екипата на Пелистер, која по доаѓањето на Љупчо Малинков навистина игра добра кошарка, и има свои шанси за таа последна позиција и место во Суперлигата. Сведоци сме на едно изедначено првенство, што е добро за македонската кошарка. Реално, МЗТ Скопје Аеродром направи, т.е. има најдобар ростер, но гледаме дека и Работнички бара нови играчи, и како по некое непишано правило, купува во овој зимски преоден рок. Во тој поглед ми делува дека најослабен е тимот на Куманово, особено со заминувањето на Младеновиќ, кој беше битен играч за овој состав.