16.01.2020

ЗБОРОТ НА ТРЕНЕРИТЕ ПРЕД ВТОРИОТ ДЕЛ ОД СЕЗОНАТА – ИГОР ГАЦОВ (АКАДЕМИЈА ФМП): Да ја искористиме секоја шанса и да изненадиме уште некој...

Овој викенд, продолжуваат возбудувањата во нашата Прва лига. Паузата од скоро еден месец беше добредојдена за најголем дел од прволигашите, иако треба да се земе в предвид дека тоа не важеше за екипата на МЗТ Скопје која продолжи со играњето во АБА 2 лигата.

Дел од нив направија некои измени во играчкиот состав, дел одлучија дека во битките за што подобар пласман имаат доволно квалитет да го реализираат тоа.

Какво е „расположението“ кај тренерите на нашите прволигаши пред продолжението на натпреварувачката сезона 2019/2020?

1.Промени во играчкиот кадар, ако има што донесоа тие за вашата екипа?

2. Очекувања од вториот дел од сезоната на клупски план?

3.Прогноза, кои екипи се фаворити за место во Суперлигата, а кои ќе играат во плеј-аутот?

Следуваат одговорите на трите прашања... 

1.Во однос на првиот дел, „пократки“ сме за три играчи во ростерот. Бешлиовски има сериозна повреда на коленото, која бара оперативен зафат. Се разделивме со Најдовски и со Ристовски, но со оглед на тоа дека имавме 16. регистрирани играчи, тоа не би требало да претставува некој сериозен проблем. Дали ќе се засилиме, останува да видиме до истекот на рокот предвиден за тоа.

2.Исти се очекувањата како и на почетокот на првенството. Нашата цел останува непроменета, во деби сезоната на Академија ФМП во оваа конкуренција, да обезбедиме опстанок во друштвото на најдобрите во Македонија. Она што јас лично го посакувам, е да даваме максимум на секој од наредните седум мечеви од оваа фаза, секако и во онаа наредната. И сите заедно да се обидеме да направиме уште некое изненадување.

3.Тешко е да се каже. Има уште седум кола во кои треба да се реши тоа прашање. И не би можел да дадам некоја конкретна прогноза. Мислам дека помеѓу Пелистер и Куманово треба да се бара последниот учесник во Суперлигата. Што се однесува за Академија ФМП, би сакал ние да бидеме екипата која ќе го крои, макар и делумно, распоредот на табелата. Поточно, со некоја победа плус да им ги помрсиме сметките на фаворитите.