Овој викенд, продолжуваат возбудувањата во нашата Прва лига. Паузата од скоро еден месец беше добредојдена за најголем дел од прволигашите, иако треба да се земе в предвид дека тоа не важеше за екипата на МЗТ Скопје која продолжи со играњето во АБА 2 лигата.
Дел од нив направија некои измени во играчкиот состав, дел одлучија дека во битките за што подобар пласман имаат доволно квалитет да го реализираат тоа.
Какво е „расположението“ кај тренерите на нашите прволигаши пред продолжението на натпреварувачката сезона 2019/2020?
1.Промени во играчкиот кадар, ако има што донесоа тие за вашата екипа?
2. Очекувања од вториот дел од сезоната на клупски план?
3.Прогноза, кои екипи се фаворити за место во Суперлигата, а кои ќе играат во плеј-аутот?
Следуваат одговорите на трите прашања...
1.Имаме некои промени во играчкиот кадар, би рекол, очекувани, планирани. Знаете дека со нас повеќе не е Двејн Бенџамин, и дека во меѓувреме ги договоривме деталите од договорот со Марјан Младеновиќ. Во меѓувреме во тимот се врати и Стефан Младеновиќ, кој дефинитивно ќе го прошири ростерот. Но тука не е крајот на новитетите во Работнички. Многу скоро ќе се засилиме со уште еден играч на надворешните позиции, а планирано е уште едно засилување, сакаме да биде квалитетно, и сме во завршна фаза од преговорите. Можеби нема да стигнеме за првиот меч, за овој викенд, но веќе од наредниот би требало.
2.Што очекувам, пред се да играме многу поубава кошарка од онаа која Работнички ја презентираше во првиот дел. Би требало да е така, ако се земе в предвид дека досега и немавме некој вистински разигрувач, креатор на ситуации. Како за оние ‘поголемите момци’, што се во рекетот, така и за оние кои се вистински шутери во тимот. Ако од мене очекувате некои еуфорични изјави, или најави, нема да ги добиете... Реков, најпрво, мојата желба е да навистина играме добра, вистинска кошарка. Една победа плус во една ваква израмнета конкуренција многу значи, дури и промена на местата на табелата. Но името Работнички само по себе носи и свои обврски, барања. Мора да бидеме на нивото на клубот, секогаш подготвени за највисоки дострели.
3.Не сакам прогнози, никогаш не сум се занимавал со тоа, ниту како играч, а ни сега, како тренер. Седум екипи се 'тука некаде', во трка за шест места во Суперлигата. Сите имаат свои шанси. Но морам да кажам дека ние и воопшто не е занимаваме со проблемите и ситуациите во другите клубови. Си ја гледаме својата работа, се трудиме да бидеме што е можно подобри, како што му прилега на клуб како Работнички.