16.01.2020

ЗБОРОТ НА ТРЕНЕРИТЕ ПРЕД ВТОРИОТ ДЕЛ ОД СЕЗОНАТА – ГОРАН КРСТЕВСКИ (МЗТ СКОПЈЕ УНИ БАНКА): Процесот трае, продолжуваме со идејата, „децата да играат“

Овој викенд, продолжуваат возбудувањата во нашата Прва лига. Паузата од скоро еден месец беше добредојдена за најголем дел од прволигашите, иако треба да се земе в предвид дека тоа не важеше за екипата на МЗТ Скопје која продолжи со играњето во АБА 2 лигата.

Дел од нив направија некои измени во играчкиот состав, дел одлучија дека во битките за што подобар пласман имаат доволно квалитет да го реализираат тоа.

Какво е „расположението“ кај тренерите на нашите прволигаши пред продолжението на натпреварувачката сезона 2019/2020?

1.Промени во играчкиот кадар, ако има што донесоа тие за вашата екипа?

2. Очекувања од вториот дел од сезоната на клупски план?

3.Прогноза, кои екипи се фаворити за место во Суперлигата, а кои ќе играат во плеј-аутот?

Следуваат одговорите на трите прашања... 

1.Ново име во нашата екипа е Љубиша Димитровски. Решивме дека е така најдобро за неговиот играчки развој, дека поголем ефект е да игра во овој, а не во првиот тим на МЗТ Скопје. Во меѓувреме се разделивме со Орлов и со Карталовиќ. Па така, и во овој малку изменет состав продолжуваме со она што го започнавме на почетокот на сезоната.

2.Не би говорел за нешто што може да се нарече очекувања. Попрво би кажал дека ја продолжуваме првобитната идеја на раководството на клубот и претседателот Тони Грнчаров кои застанаа зад тоа, ‘децата да играат’. Продолжуваме со процесот на селекција на играчи за првиот тим на МЗТ Скопје. Односно од овој ‘тим за минути’ да ‘добиеме’ играчи во оној ‘тим за титула’. Тоа е нашата цел. Јасно е дека јавноста и сите во клубот мора да имаат трпение за овој процес кој веруваме дека ќе даде резултат(и). А желба е да направиме и некоја победа во оние наредни натпревари.

3.Тука имаме една кристално чиста работа. Ние, Вардар и Академија ФМП ќе играме во плеј-аутот. А една од екипите, Пелистер и Куманово, ќе ни се придружи во тој сегмент на првенството. Кој ќе се бори за титулата, за тоа треба да се почека. Пред се, да се видат оние финални ростери на тимовите. Ако се мери квалитетот на постоечките, тогаш прв фаворит е МЗТ Скопје.