17.01.2020

ЗБОРОТ НА ТРЕНЕРИТЕ ПРЕД ВТОРИОТ ДЕЛ ОД СЕЗОНАТА – АЛЕКСАНДАР ПЕТРОВИЌ (КУМАНОВО 2009): Нашата цел беше и останува пласман во првата „шесторка“

Вечерва, со дуелот во СЦ „Јане Сандански“ каде лидерот МЗТ Скопје го пречекува првиот пратител, екипата на Гостивар, продолжуваат возбудувањата во нашата Прва лига. Паузата од скоро еден месец беше добредојдена за најголем дел од прволигашите, иако треба да се земе в предвид дека тоа не важеше за екипата на МЗТ Скопје која продолжи со играњето во АБА 2 лигата.

Дел од нив направија некои измени во играчкиот состав, дел одлучија дека во битките за што подобар пласман имаат доволно квалитет да го реализираат тоа.

Какво е „расположението“ кај тренерите на нашите прволигаши пред продолжението на натпреварувачката сезона 2019/2020?

1.Промени во играчкиот кадар, ако има што донесоа тие за вашата екипа?

2. Очекувања од вториот дел од сезоната на клупски план?

3.Прогноза, кои екипи се фаворити за место во Суперлигата, а кои ќе играат во плеј-аутот?

 

Следуваат одговорите на трите прашања... 

1.Приоритет во нашите планови за формирање на ростерот е ангажман на квалитетен играч на плејмејкерската позиција што е предизвикано со заминувањето на Марјан Младеновиќ. Можно е да се дополниме и на позицијата 3/4, а за нас добра работа е што во екипата ќе се врати Оливер Двојаковски, кој целосно се рехабилитираше и ќе биде во полна играчка форма веќе на првите мечеви. Тоа би било тоа кога станува збор за промените.

2.За мене е најважно да промовираме некои нови, млади играчи. Имаме добра, пред се работна атмосфера која ја креираше раководството на клубот кое ја донесе онаа потребна финансиска стабилност. Испочитувано е договореното, што е еден доста битен момент.

Паралелно со промоцијата оди и реализација на клупските планови поврзани со резултатот. Нашата цел беше и останува пласман во првата ‘шесторка’.

3.Ова е кошарка, значи динамика и промени во скоро секое движење со и без топката... Реално сите имаат свои шанси за да си ги реализираат своите планови. Во секој случај ќе биде доста интересно. Има уште многу кола, многу натпревари за играње. Можеби во овој момент, бодовно, малку ‘доцни’ Пелистер. Но не би ги отпишал ниту нив, дури и Академија ФМП. Екипа која знае да изненади, и го покажа тоа во првиот дел. Реков, има уште доста да се игра...