Вечерва, со дуелот во СЦ „Јане Сандански“ каде лидерот МЗТ Скопје го пречекува првиот пратител, екипата на Гостивар, продолжуваат возбудувањата во нашата Прва лига. Паузата од скоро еден месец беше добредојдена за најголем дел од прволигашите, иако треба да се земе в предвид дека тоа не важеше за екипата на МЗТ Скопје која продолжи со играњето во АБА 2 лигата.
Дел од нив направија некои измени во играчкиот состав, дел одлучија дека во битките за што подобар пласман имаат доволно квалитет да го реализираат тоа.
Какво е „расположението“ кај тренерите на нашите прволигаши пред продолжението на натпреварувачката сезона 2019/2020?
1.Промени во играчкиот кадар, ако има што донесоа тие за вашата екипа?
2. Очекувања од вториот дел од сезоната на клупски план?
3.Прогноза, кои екипи се фаворити за место во Суперлигата, а кои ќе играат во плеј-аутот?
Следуваат одговорите на трите прашања...
1.Немаме промени на играчки план во нашиот клуб. Нашиот играчки потенцијал е познат затоа што за разлика од другите, ние не паузиравме во изминатиот период затоа што продолживме со настапите во АБА 2 лигата. Но морам да потенцирам дека во овој момент во оној активен ростер имаме само десет кошаркари. Половина од нив се странци – пет.
Тоа ни дава можност да ангажираме уште двајца до почетокот на Суперлигата. Ќе видиме како ќе се одвиваат настаните во тој нареден период.
2. Во вториот дел од сезоната очекувам сличен развој на настаните во Првата лига. Ако ги погледнеме актуелните состави на екипите, а не и имињата, ќе видиме дека се доста изедначени. Мислам дека нема фаворити, и дека во оваа конкуренција секој може да победи секого.
3.Не би коментирал многу, но кога веќе морам, очекувам во Плеј-аутот да играат Вардар и Академија ФМП. Мислам дека Пелистер ќе и се приклучи на елитната шесторка која ќе продолжи понатаму во Суперлигата. Добро е Битола повторно да стане кошаркарски град, го заслужува тоа.