Кај неа зборот песимизам, практично и не постои. Постојано во една позитивна поза, Девана Бонер, им дава дополнителна енергија на другите кошаркарки во составот на македонската женска сениорска репрезентација. Не беше премногу разочарана по поразот во Хрватска. Веројатно навикната да функционира во некои други услови кои важат „преку барата“, а во кои нема многу простор за жалење по пропуштената шанса.
Не само овие мечеви во Рига, туку воопшто, високата Американка ги „третира“ како своевидна забава. Такви се и нејзините први импресии по дебито, односно првиот одигран натпревар во дресот на нашиот национален тим.
„Првиот натпревар, овде, на турнирот во Рига, беше забавен. Мислам дека направивме големи подобрувања во играта. Сите девојки беа навистина подготвени за играње. Едвај го чекам мечот со Германија“- ќе каже веројатно и најдобрата кошарка која некогаш заиграла за нашиот национален тим,
Ѕвездата на WNBA лигата во дуелот со Хрватска беше многу блиску до троен ефект. Реализираше 20.поени, имаше и 17. скока, и уште седум успешни додавања.
Веројатно ќе биде слично, или уште подобро, во денешниот меч со селекцијата на Германија.
Германките се покажаа како доста силен противник, Во првото коло од „балонот“ во Рига, беа подобри од селекцијата која е домаќин – Летонија?
„Германија е силен тим со одлични кошаркарки. Тие играат заедно долго време, па натпреварот ќе биде вистински предизвик за нас. Но ние ќе играме најдобро што можеме. И ќе дадеме се од себе да продолжиме да се подобруваме и да победуваме“.
И еден, би се рекло, доста битен момент од деновите во Рига, а доста говори за атмосферата коај владе во нашиот национален тим.
Имено, на тренингот пред премиерниот меч со Хрватска, Девана успеа да биде победена од Марија Димитријевиќ во она т.н. „шутирање од пола терен“ кое се практикува по истекот на тоа своевидно „загревање“?
„Ха,ха,ха, и се посреќи на Марија, и ете, го направи првиот удар... Морам да ви кажам, таа е како моја помала сестра во тимот. Беше забавно, и следниот пат сигурно ќе ја победам, ветувам“- во свој препознатлив стил, во кој нема место за негативна енергија го пренесува Американката со македонски пасош, расположението на нашите кошаркарки во пресрет на дуелот со Германија, закажан за денеска попладне од 15.30 часот во Олимпискиот спортски комплекс во Рига.
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2021
ГРУПА И
4. КОЛО - ДЕНЕСКА:
15.30: МАКЕДОНИЈА - Германија
18.45: Летонија - Хрватска
ТАБЕЛА
1.Хрватска 3 3 0 256:213 6
2.Германија 3 2 1 264:200 5
3.Летонија 3 1 2 230:195 4
4.МАКЕДОНИЈА 3 0 3 141:283 3