25.09.2024

Семинарот ќе биде реализиран на 4. октомври (петок) во СРЦ „Кале“ во Скопје

Здружението на кошаркарски тренери на Македонија организира задолжителен семинар, во улога на предавачи ќе бидат Рајковиќ, Џикиќ...

ФОТО: Емил Рајковиќ ќе има свое предавање на тренерскиот собир во СРЦ „Кале“

Пред почетокот на новата натпреварувачка сезона, Здружението на кошаркарски тренери на Македонија ќе го реализира задолжителниот тренерски семинар.

На ден пред стартот на вобудувањата во Првата лига-мажи, на 4. октомври, во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје, тренерскиот кадар во нашата земја ќе има можност за дополнителна едукација.

Односно да ги проследи предавањата на неколку гости во улога на предавачи.

Претседателот на ЗКТМ, Александар Јончевски и неговите соработници се потрудија да направат една доста обимна агенда која опфаќа предавања на тренери како Емил Рајковиќ и Александар Џикиќ...

ФОТО: Александар Џикиќ еден од предавачите на семинарот во Скопје

 

РАСПОРЕД НА АКТИВНОСТИТЕ НА СЕМИНАРОТ

*Дејан Чикиќ Словенија (автор на книгата „500 drills from A to Z“)

- кошаркарски вежби за тренинзи (дефанзивна транзиција, индивидуална одбрана , ротации и помош, затварање и скок во одбрана и транзиција)

*Филип Михајловиќ (кондициски тренер од Србија, со работно искуство во Естудијантес, Хапоел, Будуќност, национални селекции на Грузија)

- Планирање и програмирање на подготвителен период

- Уводен дел на кошаркарски тренинг

*Александар Џикиќ (поранешен селектор на Македонија, актуелен селектор на Грузија, Партизан, Литвос Ритас, Крка, Хапоел)

- Основи на игра во напад, распоред на играчи и движење без топка

- Основи на соработка во PnR игра

*Емил Рајковиќ (Фени Индустри, Работнички, МЗТ Скопје, Стал Остров, Сласк Вроцлав, Астана, Саратов, ЦСКА Москва)

- Основи и принципи на PnR одбрана

Семинарот ќе биде бесплатен, но задолжителен, за сите членови на ЗКТМ со подмирени средства за членарина за 2023/2024 и 2024/2025.

Истиот неофицијално ќе започне ден порано (3.октомври), со отворен тренинг, за кој повиканите тренери ќе бидат дополнително информирани.