Нема промени на кошаркарската „мапа“ во Македонија кога станува збор за оној женски сенироски сегмент.
Екипата на Баскет кам од Македонска Каменица, по четвртти пат по ред стигна до шампионската титула. Го продолжи низот, и потврди дека е неприкосновена во овој временски период.
Втора година по ред со Жаклина Стојановска на клупата, која ги споделува своите импресии по завршената серија со Крива Паланка, „решена“ во три натпревари.
„Оваа титула ја освоивме со срце, карактер и чиста игра. Против себе имавме тим кој не сакаше достоинствено да ја прифати разликата во квалитет, но ние одговоривме спортски, со дисциплина и квалитет. Победивме 3-0 и тоа е најдобриот одговор што можевме да го дадеме“ - потенцира Стојановска.
Вели дека оваа е награда за сите вложувања, зрелост, сила и верба во изминатата сезона која е крунисана со шампионски пехар број 4 во исто толку натпреварувачки сезони.
„Девојките беа неверојатни – покажаа зрелост, сила и верба во секоја минута од секој натпревар. Ова не е само шампионска титула – ова е победа на трудот над кратките патишта, на тимот над индивидуалноста, на достоинството над провокацијата. Им благодарам на сите кои беа со нас – на клубот, и на навивачите кои не поддржуваа безрезервно. Оваа титула ја посветуваме на градот Македонска Каменица.“