20.08.2021

Нашите најдобри кошаркарки се најдоа во групата „А“ од квалификациите за Европското првенство

ЖДРЕПКА ЗА ЕВРОБАСКЕТ 2023: Македонија во друштво на Белгија, Германија и БиХ

Македонската женска сениорска репрезентација ќе игра во групата „А“ во претстојните квалификации за пласман на завршниот турнир – Евробаскетот во 2023 година.

Ждрепката во Минхен одлучи нашиот најдобар женски национален тим да биде во друштво со селекциите на Белгија, Германија и Босна и Херцеговина.

Со оглед на бројот на пријавени селекции, натпреварувањето, односно квалификациите за пласман на наредниот женски Евробаскет во 2023 година, ќе се одвива во десет натпреварувачки групи.

Осум од нив се составени од по четири учесници, а две со по три партиципанти. Двете земји, односно селекции кои се домаќини на Европското првенство, Словенија и Израел, исто така ќе бидат дел од квалификациите.

Согласно со ситемот за натпреварување, најдобрите десет селекции во групната, квалификациска фаза, како и четирите најдобри кои ќе завршат како второпласирани, ќе обезбедат учество на завршниот турнир – Евробаскетот.

Ако во тие 14. селекции се двете кои се во улога на домаќини, тогаш правото за настап го добиваат наредните со најдобар скор од второпласираните национални селекции.

Инаку квалификациите ќе се одвиваат во три т.н. ФИБА „прозорци“. Првиот е од 11. до 14. ноември, 2021 година. Следниот во периодот 24-27. ноември, 2022 година, а последниот од 24. до 27. февруари 2023 година.

РАСПОРЕД НА ГРУПИТЕ ЗА ЕВРО-КВАЛИФИКАЦИИТЕ

ГРУПА А: Германија, БиХ, Белгија, МАКЕДОНИЈА

ГРУПА Б: Литванија, Украина, Франција, Финска

ГРУПА Ц: Романија, Унгарија, Шпанија, Исланд

ГРУПА Д: Полска, Словенија, Турција, Албанија

ГРУПА Е: Бугарија, Хрватска, Србија

ГРУПА Ф: Данска, Црна Гора, Русија, Австрија

ГРУПА Г: Португалија, Велика Британија, Грција, Естонија

ГРУПА Х: Луксембург, Словачка, Италија, Швајцарија

ГРУПА И: Холандија, Чешка, Белорусија, Ирска

ГРУПА Ј: Израел, Летонија, Шведска