31.08.2021

Дел сме од групата „Г“ во светските квалификации, во која се уште и селекциите на Грузија и Украина

Ждрепка за квалификациите за СК 2023: Македонија ќе игра со светскиот шампион - Шпанија!

Патот кон Индонезија, Јапонија и Филипини, каде во 2023 година ќе се игра Светскиот Куп, почна денеска, точно на пладне, од Мие, каде беше реализирана ждрепката на осумте натпреварувачки групи од европската зона за место на Мундобаскетот, кој за прв пат во историјата ќе се одржува во три различни земји.

Ждрепката посака Македонија да биде извлечена како последна на церемонијата.  А од раката на легендарниот Руди Фернандез, за противници во групата „Г“ ги добивме неговите сонародници – светските шампиони, репрезентацијата на Шпанија. Во групата во која првопласираните три ќе преминат во наредната фаза се и селекциите на Грузија и на Украина.

Квалификциите за Светскиот Куп во 2023 година, предвидуваат две фази, односно по првичната поделба на 32. селекции што ќе учествуваат во осум групи, најдобрите три од секоја од нив ќе продолжат во вториот дел каде што ќе бидат распределени во четири дела со по шест национални тима.

Новитет за овој квалифиакциски циклус е што репрезентациите во втората фаза ќе ги пренесуваат бодовите од првата, што ќе донесе дополнителен интерес на воведниот круг каде што секој кикс скапо ќе се плаќа.

Пласман на Мундобаскетот ќе обезбедат првопласираните три селекции од секоја од четирите новоформирани групи.

Шансата да се бори за место меѓу најдобрите во светот, Македонија ја доби со освоеното прво место во претквалификациите кои во текот на овој месец се одржаа во Скопје и тоа со пресметките со Швајцарија и Словачка каде го освоивме првото место.

Првата „етапа“ од квалификациите за Светскиот Куп 2023, ќе се игра во три „прозорци“.

И тоа од 21. до 30. ноември 2021, од 21. февруари до 1. март 2022 и од 27 јуни до 5 јули 2022 година.

Во втората квалификациска фаза ќе се игра од 22. септември до 30. август 2022, од 7. до 15. ноември 2022, и од 20 до 28 февруари 2023 година, со по два натпревара во секој ФИБА „прозорец“.

КВАЛИФИКАЦИСКИ ГРУПИ

ГРУПА А: Србија, Летонија, Белгија, Словачка;  

ГРУПА Б: Грција, Турција, Велика Британија, Белорусија

ГРУПА Ц: Словенија, Хрватска, Финска, Шведска;

ГРУПА Д: Германија, Полска, Израел, Естонија;

ГРУПА Е: Франција, Црна Гора, Унгарија, Португалија;

ГРУПА Ф: Литванија, Чешка, БиХ, Бугарија;

ГРУПА Г: Шпанија, Украина, Грузија, МАКЕДОНИЈА;

ГРУПА Х: Италија, Русија, Холандија, Исланд;