28.02.2021

три од три за скопската баскет-екипа

Зимска 3х3 лига: Доминација на Dust Caffe и на третиот турнир

Нов турнир од премиерната зимска 3х3 лига и нова доминација на баскетџиите на Dust Caffe, во состав Ервин Цого, Марко Дујковиќ, Христијан Ристов и Славе Илиевски.

Во финалето, каде триумфираа со 21-15, момците на Dust Caffe се сретнаа со своите добро познати противници и градски ривали - баскетџиите на Badu 3x3. До финалето, Цого, Дујковиќ, Ристов и Илиевски стигнаа преку екипите на 3х3 Битола, над која славеа во рамки на групната фаза со 20-17 (истек на време) и против финалистите од претходните два турнири - Терминатори со 21-19. Во четвртфиналето се пресметаа со искусните Brotherhood Alpha (21-16), а во последниот натпревар од нокаут фазата триумфираа над Bad Boys со 21-19.

На спротивната страна од СРЦ „Кале“, Badu 3х3 имаа идентичен почеток. Првиот натпревар од групната фаза, против 3x3 Lincetis го ’добија’ со 18-16 со звук на сирената за истек на 10 минути. Во вториот натпревар си ги одмерија силите со Bad Boys (21-14) и резервираа место во нокаут фазата. Во четвртфиналето славеа убедливо против Водно Санс со 21-3, а во полуфиналето триумфираа над Терминатори со 21-16.

Следниот турнир, последен од овој квалификациски тип, ќе се одржи за точно еден месец на 28. март.