24.01.2021

Реприза на финалето од првиот турнир, еден месец подоцна...

Зимска 3х3 лига: „Два од два“ за Dust Caffe

Само неколку секунди во продолжението по истекот на регуларните десет минути им беа потребни на баскетџиите од „Dust Caffe“ да ја запечатат победата во финалниот натпревар од вториот турнир од зимската 3х3 лига, против екипата на Ангели Терминатори (22-20). Иако прво силите си ги одмерија во натпревар од групите (Pool A), во финалето се чинеше како да победниците од првиот турнир не се соочуваат со истиот противник од пред неколку часа или од пред триесетина дена. Резултатот беше неизвесен сè до последниот свиреж на сирената која го означи истекот на регуларното време (20-20), а искусниот Милорад Миновски реализира шут зад линијата за два поени и му ја донесе победата на својот тим неколку секунди по почетокот на продолжението. 

Во рамки на полуфиналните дуели, „Терминатори“ се пресметаа со „Проект 3х3“ додека пак „Dust Caffe“ се надигруваа со „GODSENT GS“. Во четвртфиналните дуели од нокаут фазата учествуваа уште и „3х3 Водно Санс“, „Brotherhood Alpha“, „Баду 3х3“ и „3х3 Аеродром“.

Резултати од вториот турнир можат да се погледнат на следниот ЛИНК.

Снимка од целиот турнир може да се погледне на следниот ЛИНК.

Фотографии од турнирот можат да се погледнат на Facebook страницата на КФСМ.