Минатиот викенд, во рамките на третото коло од Првата Лига во машка конкуренција, за првпат во историјата на македонската кошарка на теренот функцијата делегат ја извршуваше една дама – Елена Велкоска.
Натпреварот кој секогаш ќе остане запаметен во нејзината меморија, но и во историјата на мак-баскетот, се одигра на 16. октомври помеѓу екипите на МЗТ Уни Банка и Гостивар, со победа на гостинската екипа.

Следејќи ги трендовите во европската кошарка, каде следниот период 2021 – 2023 е прогласен за период на интензивна инклузија на дамите во кошарката, евидентен е и напредокот на нашите дами во светот на официјалните лица.
Па така оваа сезона имаме рекорден број на жени судии и делегати на сите нивоа и натпреварувања во С. Македонија.
Елена Велкоска, неколкугодишен делегат во сениорските лиги при КФСМ, скоро две години е и првата жена претседател на Судиската Комисија при КФСМ.

Се надеваме дека ова ќе побуди уште поголем интерес за вклучување на дамите во сите нивоа на натпреварување во македонската кошарка.