10.06.2017

М16: Кошаркарите на Вардар ја освоија шампионската титула

Шампионската титула од тековната натпреварувачка сезона во возрасната категорија до 16 години во машка конкуренција замина во рацете на кошаркарите на Вардар. Со победа од 71-75 против Феникс, црвено-црните кадети се закитија со прматот шампион на Република Македонија до 16 години.

Двете екипи наметнаа игра од надворешните линии што резултираше во шутерско шоу во првиот дел од натпреварот. Вардар реализира шест обиди за три поени (4/4 за Адриан Наумовски, 1/4 за Лука Наумовски, 1/3за Лејсон Зекири) додека Феникс уфрли четири (1/1 за Андоновски Андреј, 1/3 за Божиновски Борјан, 1/4 за Исајловски Виктор и 1/5 за Трајковски Иво). Кошаркарите од таборот на клубот - организатор на овој FINAL 4 турнир поврзаа пет поени во низа за водство од девет поени (15-6) во првиот период, на која одговорија кошаркарите на Феникс преземајќи го водството на крајот на првиот период. Следеше израмнета битка од двете страни до свирежот на судиите кој означи крај на првиот дел од натпреварот. Вардар имаше минимално водство на паузата (38-39) кое брзо беше анулирано од противникот. Повика Јованчев тајмаут по кој Вардар направи нова серија и одново го презема водството (46-50). Избраниците на Дервишевиќ не се предадоа, напротив. Следеше ново израмнување (59-59) до кое Феникс стигна преку агресивна игра под обрачите, а потоа и водство (65-63), прво по 25. минута. Двете екипи продолжија со истото темпо. Вардар во два наврати го презема водството и со нешто помалку од две минути до крајот на натпреварот кошаркарите на Феникс немаа сила за нов пресврт.

Стрелци на натпреварот
Феникс: Кацарски (18 поени, 12 скокови), Исајловски (14), Димитровски (12), Јанев(10)              
Вардар: Наумовски А. (22 поени), Наумовски Л. (15), Јованов (10)