Младинската репрезентација пред шест дена означи почеток на официјалните подготовки во пресрет на Европското првенство (дивизија Б) за кошаркари до 20 години, а веќе денеска ќе го одигра првиот пријателски натпревар.

Избраниците на Дарко Радуловиќ пред два дена заминаа за Маврово на камп, а денеска ќе ги нагостат нивните врсници од Косово. За селекторот ова ќе биде прва прилика да ги тестира кошаркарите од неговиот список на терен, а во текот на подготвителниот период ќе одигра пријателски натпревари против шест репрезентации.

Денешниот натпревар против соодветната селекција на Косово ќе се одигра во спортската сала во Маврово, ќе започне во 17:00 часот, а статистиката во живо може да се проследи на следниот ЛИНК.

Неколку дена по враќањето од Маврово, нашите младински репрезентативци ќе разигруваат против врсниците од Бугарија на двомеч во Скопје (17.-18. јуни). Два дена потоа КФСМ ќе организира турнир со соодветните возрасни национални селекции на Црна Гора, Босна и Херцеговина и Русија (21.-23. јуни) . Следат неколку дена одмор па патување за Унгарија на пријателски двомеч, а на враќање од Унгарија младинците ќе одиграат уште два натпревара, против селекцијата на Бугарија на гостински терен. 
Со овие натпревари репрезентацијата до 20 години ќе ги заврши пријателските натпревари и ќе продолжи да ја темпира формата во Скопје се до 10. јули односно до заминувањето за Европското првенство (дивизија Б) кое ќе се одигра во Португалија.

Во рамки на групата Д, нашите репрезентативци ќе разигруваат со домаќинот Португалија, со Луксембург, Белгија и со Словачка.