10.07.2017

Специфични мерења и тестирања на моторички способности кај репрезентативците до 16 години

Пред два месеци Македонската кошаркарска федерација и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје ја обновија меѓусебната соработка потпишувајќи Меморандум и неколку седмици подоцна започна да се реализира еден од предвидените проекти.

Станува збор за специфични мерења и тестирања на функционално-моторички способности кај млади кошаркари и кошаркарки. Овие таканаречни „скенирања“ ќе служат за детектирање на евентуални недостатоци кај младите кошаркари и давање на конкретни насоки за елиминирање на истите.

Генерацијата до 15 години беше првата врз која се изведоа овие специфични тестирања, а следна е генерацијата до 16 години во машка конкуренција која во моментов се подготвува за Европското првенство (дивизија Б) кое од 10 до 19. август ќе се одигра во Софија, Бугарија

Мерењата и тестирањата ќе ги спроведат професорите при ФФОСЗ Борче Даскаловски и Александар Ацевски и истите ќе се одржат в среда (12. јули, 2017 година) во малата сала при спортскиот центар „Јане Сандански“ со почеток во 10:00 часот.