Сè започна на 2. јуни, 2017 година. Македонската кошаркарска федерација земајќи го предвид тогашниот распоред на активности одлучи да одбележи ’недела на мак-баскет’ – седмица која всушност траеше повеќе од седум дена. Во рамки на оваа ’недела’ на агендата на МКФ се најдоа најразлични активности...
Сè започна на 2. јуни, 2017 година. Македонската кошаркарска федерација земајќи го предвид тогашниот распоред на активности одлучи да одбележи ’недела на мак-баскет’ – седмица која всушност траеше повеќе од седум дена. Во рамки на оваа ’недела’ на агендата на МКФ се најдоа најразлични активности...
1. Меѓународен пријателски турнир
Можеби од првин звучи поразително, но за првпат во историјата, Македонската кошаркарска федерација беше домаќин на меѓународен турнир во женска конкуренција. На турнирот, покрај македонската репрезентација за која ова беше прв натпревар и собир воопшто по три години, земаа учество националните селекции на Бугарија, Јапонија и Босна и Херцеговина (М20). Македонија го отвори турнирот со победа од 77-62 над соодветната селекција на Бугарија потоа следеше пораз од репрезентацијата на Јапонија од 79-91, а турнирот беше затворен со победа над младиот состав на Босна и Херцеговина со 72-60. Како за прва ’проверка’ по три години апстиненција од активности, селекторот Марјан Лазовски не го криеше задоволството од вложениот напор на репрезентативките. Следи мал одмор, во меѓувреме ќе се одржи и ждребот за квалификациите за континенталното првенство кои се закажани за в ноември.
2. FINAL 4, младински категории
Речиси сите првенства во младинските категории во ист период го завршија регуларниот дел од натпреварувањето по што следеше завршницата од истото. На агендата се најдоа пет FINAL 5 турнири.
Завршниот турнир од првенството во возрасната кагеторија до 18 години (жени) се одигра во исто време со турнирот за сениорки. Македонската кошаркарска федерација го организира турнирот на кој во финалето триумфира Бадел 1862. Во машката конкуренција, Шкупи победи на лицитацијата за организирање на турнирот, но се откажа од истото неколку часа пред одигрувањето на натпреварите. МКФ ја презеде организацијата на турнирот, а јуниорскиот состав на Работнички ја освои шампионската титула. Истата ’судбина’ ја снајде МКФ и во организирањето на завршницата од првенството до 14 години во машка конкуренција. Феникс 2010 се откажа непосредно пред почетокот, а потоа ја освои шампионската титула, без притисокот на организатор.Два дена подоцна, кошаркарите на Вардар ја освоија шампионската титула во М16. Финален турнир на агендата на оваа недела на мак-баскет беше и тој до 16 години во женска конкуренција. Бадел 1862 ја продолжи доминацијата и во оваа возрасна категорија.
*сите натпревари од младинските категории кои беа пренесувани во живо на телевизијата Сител 3 можат да се погледнат на следниот линк.
3. Прв собир, репрезентација М20
Националниот состав до 20 години го одржа својот прв собир со кој и официјално започнуваат подготовките за Европското првенство, Дивизија Б што во периодот од 14. до 23. јули ќе се одржи во Орадеа, Романија. Селекторот Мирко Петрески повика 18 кошаркари кои конкурираат за место во селекцијата која ќе ги брани боите на Република Македонија. Подготовките се во тек, предвидени се и неколку пријателски натпревари во пресрет на првенството.
4. Злато за „3х3“ на Олимпискиот фестивал во Бугарија.
Во соработка со Македонскиот олимписки комитет, Македонската кошаркарска федерација испрати своја екипа да учествува во „3х3“ до 18 години на Олимпискиот фестивал кој се одржа во Албена, Бугарија. Селекцијата и тоа како ја оправда довербата освојувајќи го првото место без ниту еден пораз. Првите три победи, македонската “3х3“ селекција ги оствари во групната фаза, против екипите Тарговиште, Варна и против Шумен и како првопласирана во групата обезбеди пласман во полуфиналето. Со убедливи 9:4 во полуфиналето македонската селекција славеше против бугарскиот состав Дунав. Во финалето, македонските кошаркари славеа со 10:3 против Шумен (Бугарија) освојувајќи го првото место на Олимпискиот фестивал насловен „Олимписки надежи“.